Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЗАГРИЖУВАЧКИ ИЗВЕШТАЈ НА УНАИДС

Податоците со кои располага Институтот за јавно здравје, покажуваат дека во Македонија од 1987 до сега се регистрирани околу 400 случаи на ХИВ, а само во текот на минатата година имало 41 новозаразен

Алармантен раст од 88 отсто на бројот на новозаразените со ХИВ-вирусот во Македонија, покажа најновиот извештај на Агенцијата за борба со сидата при Обединетите нации (УНАИДС) за периодот од 2010 до 2018 година, според кој Македонија е меѓу топ десетте земји во светот според бројот на новозаразени во посочениот период. Иако домашните институции смируваат и велат дека земјава е со најниска стапка со ХИВ-заразени во светот, сепак податоците со кои располага Институтот за јавно здравје покажуваат дека во Македонија од 1987 до сега се регистрирани околу 400 случаи на ХИВ, а интересно е што само во текот на минатата година се регистрирани 41 нов случај на ХИВ. Паушални пресметки, со по околу 40 новозаболени во текот на една година, донекаде се совпаѓаат со извештајот на УНАИДС.

– Неоспорно е дека има ХИВ кај нас, но земјата е со најнизок процент на заразени во светот. Токму поради присуството на ХИВ постојано апелираме што повеќе луѓе да се тестираат. Доколку тие луѓе го знаат својот статус, може да бидат ставени на антивирусната терапија, која кај нас е бесплатна – вели Весна Илиевска од ХЕРА – асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Според неа, антивирусната терапија е доста ефикасна и им овозможува на лицата да живеат нормален живот.

– Лек против ХИВ засега нема, но терапијата е ефикасна и влијае врз намалувањето на вирусот, така што лицата со ХИВ можат да живеат долг и квалитетен живот, дури да имаат и потомство – појаснува Илиевска.
Инаку, од новозаболените во 2018 година сите се мажи, повеќе од половина од Скопје, а преостанатите 18 случаи се регистрираат како спорадични во 13 града од Македонија. Едно лице во 2018 е странски државјанин. Лани се регистрирани три смртни случаи поврзани со сида.

– Дистрибуција според возраста укажува дека најзафатена е сексуално активната популација на возраст од 20 до 39 години, која чини 74 отсто од дијагностицираните случаи. Кумулативно, според начинот на трансмисија, најголем број од случаите, поточно 53 отсто се кај мажи што имале секс со маж, хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран во 38 отсто од случаите, додека лица што инјектираат дроги учествуваат со 2,5 отсто, а по шест случаи се регистрирани кај лица со хемофилија (последниот пред 15 години) и пренос од мајка на дете – се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Возраста на новите случаи во земјава се движи од 21 до 51 година, a 82 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години, од кои по 17 случаи на возраст од 20 до 29 и од 30 до 39 години. На возраст од 40 до 49 години биле шест случаи и еден во возрасната група од 50 до 59 години.
Во извештајот на УНАИДС се вели и дека лани низ светот имало 1,7 милион новозаболени, додека 37,9 милиони живеат со присуство на вирусот.