Неодамнешниот случај во Велес илустративно го отвора прашањето како ќе се применува Законот за употреба на јазиците во практиката, каде што не постојат реални услови за користење овластен преведувач во секојдневна ситуација, за да биде испочитувано правото на граѓаните што зборуваат на јазикот што го говорат 20 отсто од населението, а притоа и јасно поставената хиерархија на употребата на јазиците

Беше прашање на време, кое и не мораше долго да се чека, кога македонското општество ќе се „изгуби во преводот“ по почетокот на примената на Законот за употреба на јазиците. Она на што, пред сѐ во медиумите и на социјалните мрежи, се предупредуваше во текот на вонпарламентарната дебата, дека со овој закон се деградира кохезивната улога на македонскиот јазик во македонското општество, се манифестира на неодамнешниот настан во Велес, каде што беа присутни министерот за образование и наука Арбр Адеми и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Имено, на министерот Адеми му беше поставено прашање на албански јазик и тој започна да одговара на јазикот на кој му беше поставено прашањето. На таквата конверзација, без преведувач на македонски јазик, реагираше градоначалникот Коцевски, со предупредување дека ќе ја напушти прес-конференцијата доколку не му биде преведено.

– Ние бевме таму за да се најде решение за три дечиња од Горно Караслари што во Долно Караслари следат настава на македонски, а не на мајчиниот албански јазик. Многу ми пречи фактот што новинари од албански редакции поставуваа прашања на албански јазик. Се спомнуваа Велес, гимназијата и состојбите. Министерот дава одговори на албански јазик, а не се преведуваат ни прашањата ни одговорите. Немаше преведувач и затоа се одлучив на таква реакција. Не сакав да бидам декор на нечија прес-конференција во мојата земја и да не разбирам за што се зборува – ја објасни потоа ситуацијата градоначалникот на Велес, Коцевски, кој нагласи дека нема проблем со употребата на албанскиот јазик, но Законот за јазиците подразбира и превод за тие што не го употребуваат.

Овој случај илустративно го отвора прашањето како ќе се применува Законот за употреба на јазиците во практиката, каде што не постојат реални услови за користење овластен преведувач во секојдневна ситуација, за да биде испочитувано правото на граѓаните што зборуваат на јазикот што го говорат 20 отсто од населението да го употребуваат својот мајчин јазик. Треба да се забележи дека со законот се предвидени и казни доколку не им биде обезбеден превод на нивниот мајчин јазик, но не се предвидени санкции за непознавање на официјалниот јазик на државата Република Македонија. Законот за употреба на јазиците го наметнува предизвикот како ќе се комуницира за да се обезбеди функционалност на државата и на општеството. Пред сѐ јазикот е едно од средствата за разбирање меѓу луѓето, а јазичните права треба да одговорат на потребите на граѓаните во целото општество.

– Основно начело на функционалноста на секоја стабилна држава, особено
унитарна, но и кон/федерална, е јазичната економичност. Таа јазична економичност се темели врз концептот на „заеднички јазик на разбирање“, познат во минатото и во големите империи како лингва франка. Тоа подразбира категоријален систем според кој, прво, постои разлика меѓу мултиетничко општество и мултијазична/бијазична држава и, второ, постои разлика меѓу државен/национален јазик задолжителен за сите граѓани, независно од нивното етничко потекло, наспрема малцинските јазици, односно малцинскиот јазик што се употребува на локално и на индивидуално ниво, стриктно за потребите на граѓаните, на подрачјето каде што тие живеат. Тука ќе потсетам дека современото општество со новите технологии му овозможува секому пристап до формулари за задоволување на јазичните права на граѓаните – вели академик Катица Ќулавкова.

Во однос на актуелниот момент и предизвици што се јавуваат со почетната примена на Законот за употреба на јазиците, Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет на групата по македонски јазик и претседател на Советот за македонски јазик, смета дека за нивно надминување треба само да се почитува она што е предвидено во Законот за употреба на јазиците.

– Во овој закон јасно е поставена хиерархијата на употреба на јазиците. Односно јасно се кажува дека официјален јазик на територијата на целата Република Македонија е македонскиот јазик, како и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Според некои цивилизациски и културни норми, тоа значи дека првото обраќање е на официјалниот јазик на државата – македонскиот, а потоа на албански јазик. Ако се работи за натпис, секогаш содржината прво е напишана на македонски јазик, а потоа на албански. Имам забележано дека таквиот принцип го практикува претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој прво се обраќа на македонски јазик, а потоа на албански јазик. И да не е присутен ниту еден Македонец во некоја официјална ситуација, треба да има обраќање прво на македонски јазик. Така е предвидена хиерархијата на јазиците во сегашниов закон, која не беше земена предвид во претходниот закон, кој се нарекуваше Закон за јазик на 20 отсто говорители. Таквата практика се спроведува и во други држави, каде што има двојазични средини. На пример, во Истра, Хрватска, покрај хрватскиот, официјален е и италијанскиот јазик, па вообичаено официјалните лица, како градоначалниците, прво се обраќаат на хрватски, а потоа на италијански јазик. Ситуациите како онаа во Велес претставуваат непотребна провокација за примената на Законот за употреба на јазиците – смета професорот Људмил Спасов.


Слушалки за симултан превод

Веќе се видени неколку обиди за реализација на „рипчето за превод“ од романот „Водич за автостопери низ галаксијата“, но на Светскиот саем за технологија што се одржа во Лас Вегас (САД), на почетокот на месецов, беа претставени слушалки за симултан превод, модел ВТ2, што ветува дека би можел да биде првиот успешен обид. Производот на компанијата „Тајмкетл“ се состои од еден пар безжични слушалки, кои се поврзуваат со паметен телефон преку блутут. Секој од соговорниците става по една слушалка и двонасочниот разговор на различни јазици може да започне. Како база, ВТ2 ги користи преведувачките програми на „Гугл“ и „Мајкрософт“, а моментално поддржува 21 јазик, меѓу кои сѐ уште не се македонскиот и албанскиот јазик.