ИВЗ обвинува дека Граѓанскиот суд донел одлука за именување на нов реис врз основа на фалсификувани документи, печати и потписи.
Oд ИВЗ тврдат дека потписот на актуелниот реис Сулејман Реџепи е фалсификуван на оставката. Велат дека е стар меморандумот на оставката, а фалсификуван е и печатот. Според нив, рејсот не поднесува остаквка во документ со меморандум, и во истата не се користи печат на ИВЗ, а во оставката доставена до судот има.
Во однос на записникот за одржана седница, тој бил заведен со архивски број со кој од 15 членови на Ријасетот, 7 веќе не се дел.
– Решението на граѓанскиот суд не покажува ништо освен тоа до кое ниво е паднат правниот систем. Судијката Сузана Дончевска има донесено решение за смена на поглаварот на ИВЗ и именување на друг. Тоа го направила врз основа на фалсификувани документи – изјави Мухамед Вејсели од ИВЗ.
Тој истакна дека во записникот кој е доставен до судот има наведено лица кои не се вработени во ИВЗ. Во истиот, како што рече, нема потписи на тие кои биле присутни на состанокот на Ријасетот.
– Ваква седница се нема одржано. Ниту еден член не е известен дека Сулејман Реџепи има поднесено оставка. Поднесовме кривични пријави против фалсификат – истакна Весејли.
Весејли истакна дека судијката поднела барање за промена на реисот во Централен регистар.
– Имаме судија кој разрешува и именува реис, а тоа е можно само во оваа држава – рече Весејли.
ИВЗ бара од Владата да им се извини за скандалот којшто, како што велат, го направила.
Од ИВЗ оценија дека судството е најкорумпирано досега и информираа дека ја обжалиле одлуката за промената на реисот.