Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.
Овој празник, се вели во честитката, е симбол на верата, спасението и мајчинската љубов.
– На овој голем христијански празник го славиме вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Нејзиниот животен пат, нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето, ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката Божја кон своето чедо се потсетуваме на основните христијански вредности кои биле наша водилка низ вековите. На овој ден да се присетиме на милоста и мајчинската љубов на Мајката Божја и да се помолиме за меѓусебна љубов, почит и разбирање. Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица, стои во честитката.