Последниот пожар во зграда во центарот на Скопје, за кој истрагата покажа дека бил предизвикан од плинска боца, повторно го актуализира прашањето за безбедното ракување со овие уреди, како и техничките контроли што се вршат врз нив.
Кон крајот на 2018 година и на почетокот на 2019 година се случија два катастрофални пожара во Скопје и во Гевгелија, во кои загинаа две лица, а кои беа предизвикани токму од неисправни плински боци. На домашниот пазар често можат да се забележат боци без истакнати технички карактеристики, така што понекогаш, за да се заштеди некој денар, се користат и вакви уреди. Дополнителен проблем е што интервенциите на системите често ги прават и нестручни лица, така што се вградуваат неквалитетни делови, кои не ги исполнуваат предвидените безбедносни стандарди, што подоцна резултира со хаварија.
– Цел живот користам шпорет на плин и досега не сум имал никаков проблем. Готвењето ни е многу поевтино отколку на струја. Плинската боца си ја купив нова и добив техничка книшка за неа. Редовно ја одржувам кај компанијата каде што ја купив, а таму и ја полнам, така што изминативе 30 години ниту еднаш не ми се случил некаков инцидент – вели Андон Сотировски, пензионер.
Тој додава дека на почетокот бил скептик, но дека неговата сопруга, која по потекло е од Хрватска, инсистирала на користењето на гасот како средство за готвење наместо струјата.
– Уредот бара одржување. Вентилите редовно ги контролираат на сервис, а пред некое време ми ги сменија и сите црева, така што кога станува збор за безбедноста, тогаш човек не треба да штеди пари – нагласува Сотировски.
Според стручните лица што вршат контрола на плинските боци и вентилите, проблеми се јавуваат при нестручно ракување и лошо одржување на уредите.
– Мое мислење е дека грешките и хавариите со плинските боци во најголем број се случуваат од несоодветно и нестручно ракување, стари уреди, како и стара инсталација – вели Миле Пеливанов од сервисниот центар за плински боци на „Макпетрол“.
Тој додава дека боците генерално се најмалиот проблем, туку проблемот се јавува кога нестручно се ракува со нив.
– Боците никогаш не треба да се полнат докрај, туку да се полнат до 80 отсто од зафатнината. Тоа овозможува гасот при високи надворешни температури да може слободно да се шири во внатрешноста и да не ја деформира самата боца. Дополнителен проблем е што боци се полнат на неовластени места, така што се занемарува фактот дека боцата не треба да е полна докрај, туку се полни целосно и подоцна се јавуваат деформации на металот. Се ставаат и неквалитетни материјали, поради што може да дојде до пукање на црево и гасот да истече, па кога ќе дојде до поголема концентрација на тој гас, да се случи и експлозија – истакнува Пеливанов.