Премиерот Зоран Заев, на покана на германската канцеларка Ангела Меркел, утре ќе предводи владина делегација во еднодневна работна посета на Тирана.
Таму делегацијата ќе учествува на работната средба на канцеларка Меркел со лидерите на земјите од Западен Балкан, информираат од владината прес-служба.
Согласно агендата, во текот на попладнето Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат билатерална средба со канцеларката Меркел.
Во рамките на оваа еднодневна работна посета, премиерот Заев ќе го посети и Македонскиот културен центар во Тирана.