Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денеска, го посетија археолошкиот локалитет Стоби кадешто неодамна беше откриена ретка мермерна скулптура на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза, која веројатно е изработена во третиот век.
Потенцирајќи дека и покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува, премиерот Заев го истакна исклучителното најново откритие на скулптурата на Дионис, откриена од учесниците во школата за археологија, заедно со археолозите од земјата и вработените во Стоби.
Министерот за култура Исмаили во своето обраќање оцени дека Стоби, кој минатата година е посетен од над 19.000 посетители, а оваа година се очекува двојно поголем број, е еден од најзначајните споменици и сведоци на римската и доцноантичката епоха, кои даваат значајни информации за самите градби.
Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, информираше за интензитетот и очекувањата од работата на локалитетот, кадешто покрај вработените во локалитетот учествувале и 17 студенти од САД, Канада, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, во рамки на Интернационалната школа за археологија.