Вложувањето во Пелагонискиот Регион ќе продолжи со уште поголем интензитет, во проекти од интерес за граѓаните и младите, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска претседаваше со 159-тата владина седница којашто се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.
На седницата присуствуваа и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од Пелагонискиот Регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.
– Вечерва министрите ќе реферираат за активностите на секој од ресорите во Пелагонискиот Регион. Знам дека има што да се реферира. И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализациската инфраструктура. За ова воведно излагање ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализациските мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани. Во Пелагонија имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто – рече Заев.
Тој истакна дека во Битола има и сериозни инвестиции во здравството. Посочи дека е реновирана итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати, а ја спомена и мерката за укинување на квотите за лекови.
– Кога сме кај здравјето на граѓаните,токму Битола е еден од четирите големи градови за чие население стојат на располагање бесплатни екоинвертери за греење во домаќинствата. До 1.000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима-инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните – додаде Заев.