Премиерот Зоран Заев потенцира дека згрижувањето на Авганистанците ќе ја чини државата вкупно 74 илјади денари, но не се знае точно колку од нив ќе пристигнат во Македонија.
– 74.000 денари најверојатно, затоа што сместувањето на луѓето, исхраната, сѐ што треба за луѓето кои што верувам дека ќе стигнат овие денови. Верувам дека ќе стигнат граѓани кои се миротворци и активисти за човекови права, жени, деца луѓе кои влијаеле на демократијата и асистенти и на нашата армија – истакна Заев.
Тој ја образложи одлуката за примање на бегалците од Авганистан.
– Зошто се опредиливме за поголема бројка од некои поголеми држави? Зашто веројатно имаме поголемо срце, зашто сме повеќе луѓе, зашто живееме во регион кој трпел конфликти, пател и знае што е солидарност. Такво е и Скопје кое ја испрати пораката за солидарност во 1963 година. Се работи за прашањето дали сме луѓе или не, да подадеме рака. И еден човек да спасисме, мислам дека го спасуваме светот. Ние се јавивме и се понудивме заедно со стратешките партнери да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредност – рече Заев.
Тој објасни дека е многу важна подготвеноста на една мала земја, во срцето на Балканот, рамнорпавно со целиот демократски свет, да ја испрати пораката на човечност и хуманост.
Премиерот дополни дека од авганистанските граѓани, прво ќе стигат миротворци, активисти за човекови права, новинари, преведувачи, жени, деца и асистенти на македонската армија кои за 19 години, како што рече, опслужиле 3.500 македонски војници.