Четириесет и двегодишната државјанка од Обединетите Арапски Емирати, Хинд Аболоки, ја напушти државава откако македонските власти ѝ го одбија барањето за азил. Таа пристигна во Македонија влегувајќи од Србија во октомври минатата година, а на 15 октомври побара азил од македонските власти, наведувајќи дека е жртва на семејно насилство и дека ќе се соочи со сериозна казна или ќе биде убиена доколку се врати во матичната земја.
Како што појасни таа, семејството ѝ се заканувало дека животот ќе ѝ го претвори во пекол бидејќи побарала развод, а земјата ја напуштила набрзина, оставајќи четири деца.
– Дојдов во Македонија бегајќи од Дубаи, бидејќи татко ми, вујко ми и брат ми се закануваат дека животот ќе ми го претворат во пекол само затоа што побарав развод. Не знам што да правам. Тие дојдоа и ми ги бараа пасошот и личната карта, говорејќи дека повеќе не можат да ми веруваат. Сакаа да ми го избришат идентитетот. Кога некој ќе ти ги побара пасошот и личната карта, тоа значи дека нешто се случува, а јас не сум толку наивна. Размислив и побегнав. Мајка сум на четири деца – рече претходно Хинд Аболоки во видеопорака објавена на Јутјуб.
Две недели по поднесувањето на барањето за азил, МВР ја одби, со образложение дека не се потврдени нејзините наводи. Нејзините адвокати поднесоа жалба, но Управниот суд и Вишиот управен суд го потврдија решението на МВР.
Таа подоцна беше сместена во Прифатниот центар за азиланти во Гази Баба, откако било донесено решение дека би можела да претставува опасност за јавниот ред и за националната безбедност.
Низ јавноста кружеа информации дека станува збор за влијателно семејство од ОАЕ, кое на некој начин извршило притисок врз македонските власти да го одбијат барањето на Хинд Аболоки за азил.
– Иако тоа е дискреционо право, МВР и полицијата не мораат да даваат образложение зошто некое лице се смета за закана за националната безбедност, симптоматично е што на ова решение се потпишал лично министерот за внатрешни работи – вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.
Таа додаде дека целиот случај ѝ е сомнителен и дека, како што вели, постојат одредени влијанија. Од друга страна, од МВР велат дека Аболоки побарала доброволно да си замине од државава.
– Во согласност со членот 79 став 1 од Законот за меѓународна и привремена заштита и законски предвидениот рок, на 13.2.2019 година Х.М.А., преку својот полномошник, достави известување дека сака доброволно да замине од државата, што ѝ беше овозможено, и таа на 15.2.2019 година го напушти Прифатниот центар за странци во придружба на полномошникот и доброволно замина од државава преку граничниот премин „Меѓународен аеродром -С копје“ – информираат од МВР.
Инаку, според податоците на МВР, минатата година вкупно 299 лица побарале азил во земјава, додека на три лица им било признаено правото на супсидијарна заштита. Минатиот месец барање за азил во земјава поднеле пет странски државјани.