Бегството на осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски во Унгарија претставува дополнителен предизвик за унгарскиот премиер Виктор Орбан, односно за неговото одржување рамнотежа помеѓу европската мејнстрим-политика и националистичките врски, објави „Блумберг“.
Орбан се соочува со тешка одлука. Тој може да му даде азил на Груевски и понатаму да го наруши сопствениот имиџ меѓу европската политичка елита, или да го одбие и да го напушти својот сојузник.
– Давањето на азил на осуден балкански политичар би претставувало срамота за Орбан, и дома и надвор. Тоа не би можело да се објасни на ниту еден начин, освен можеби дека станува збор за руско влијание – вели унгарскиот аналитичар Атила Јухаж.
Власта во Македонија го обвини Груевски оти го поттикнувал спорот со Грција, што го направи неочекуван сојузник на Орбан, кој пак, му пружи поддршка на поранешниот македонски премиер, и покрај тоа што се залага за проширување на ЕУ на Балканот. Груевски важи за националист како и Орбан, кој водеше пропагандна кампања против американскиот инвеститор со унгарско потекло, Џорџ Сорос, наведува „Блумберг“.
Доаѓањето на македонскиот политичар во Унгарија би можело да ја закомпликува позицијата на Орбан како предводник на националистичките движења во Европа, додека со „едната нога“ уште е во европската мејнстрим-политика. Орбан активно води кампања против европските либерални вредности во Источна Европа.
Унгарскиот премиер минатата недела изрази согласност за поддршка на антипопулистичка резолуција на конгресот на најголемата партија во Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП).
Европратениците, претходно гласаа за активирање на членот 7 од Лисабонската повелба против Унгарија. Членот 7, попознат како „нуклеарната опција“ на ЕУ, предвидува суспендирање на правото на глас на една земја членка во ЕУ. Меѓународната невладина организација за заштита на човековите права, Хјуман Рајтс Воч, пак, побара од Европската Народна Партија (ЕПП) да ја исклучи од своите редови партијата на унгарскиот премиер, Фидес.