Градинките од денеска почнуваат со работа согласно здравствените протоколи. Сите установи за згрижување и воспитување на децата во Македонија имаат капацитет да примат 19 илјади деца согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца, како што посочи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. При тоа приоритет ќе имаат самохраните родители и родителите кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.
Со протоколот за активности што го донесе Комисијата за заразни болести, се овозможува реализација на работата под посебни мерки за превенција од ширење на коронавирусот.
Протоколот опфаќа план на активности и делување кои се однесуваат на самата установа, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите на децата кои ќе посетуваат градинка, како што истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Согласно протоколот, престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи. Приемот на деца по воспитна група треба да биде со десет минути временска разлика на влез на кој задолжително е растојание од два метри, а детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска.
Потребно е да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, лицата кои доставуваат храна задолжително треба да носат маски и ракавици, храната за децата треба да се остава пред занималната, а децата треба да јадат во неа со претходна дезинфекција на рацете и на масите.
На сите вработени при влегување во установата задолжително ќе им се мери температура.
Растојанието меѓу масите за седење на децата треба да биде меѓу еден ипол и два метри, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на крвеетите според принципот нозе – глава, исто такво растојание ќе има на единечни кревети и постелнина на секое дете одбележана со неговото име.
Сите вработени во установата мора да носат заштитни маски.
Во групите на деца на возраст до две години треба да има максимум по шест деца, а на возраст над две години по максимум 15 деца.
Во рамки на мерките што Владата ги усвои на 10 март беше прекинат воспитниот процес во сите градинки, а вработените беа ослободени од доаѓањето на работа.