Седумдесет и пет отсто од граѓаните на Македонија се чувствуваат многу или главно безбедни, покажа анкетата на ОБСЕ што денеска беше презентирана во Скопје по повод одбележувањето на Денот на превенцијата, 9 декември.
Овој резултат покажува дека огромното мнозинство луѓе не се плашат за сопствената безбедност, што е од клучно значење за генералната добросостојба на општеството и граѓаните, стои во анализата што беше презентирана денеска.
Според оваа анализа, чувството на безбедност може значително да се подобри доколку се преземат координирани активности на повеќе институции заедно со полицијата, затоа што оние граѓани кои се изјасниле за небезбедни како дел од причините ги посочуваат слабата улична осветленост и бездомните кучиња, работи кои не се во надлежност на полицијата. Граѓаните се изјасниле и дека е потребно поголемо присуство на полицијата, а како еден од главните проблеми го посочуваат брзото и невнимателно возење.