Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија преупреди дека постои зголемен ризик за терористички напади поттикнати од екстремистичка идеологија на територијата на нашата земја.
– Терористичките организации и индидуите инспирирани од екстремистичка идеологија имаат намера да напаѓаат цивили, вклучувајќи ги американските граѓани кои патуваат во странство. Терористите користат помалку софистицирани методи и напаѓаат на јавни места со огнено и импровизирано оружје и возила – стои во соопштението на американската амбасада.
Дополнително, како што велат тие, терористичките напади и другите безбедносни инциденти често се случуваат без предупредување.
– Ги охрабруваме американските државјани да држат високо ниво на будност. Екстремистите често идентификуваат и напаѓаат „лесни цели“, како што се трговски центри и маркети, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, училишта, паркови и места каде што се собираат големи групи на луѓе како што се концерти, политички митинзи, демонстрации и слично – пишуваат од амбасадата.
Амбасадата на САД во соопштението ги советуваше американците во нашата земја да одржуваат високо ниво на будност ако се на локации каде што има голема бројка на луѓе, да ги проверат личните безбедносни планови, да внимаваат на околината и да ги следат локалните медиуми за мометалната состојба.
Претходно денес, Министерството за внатрешни работи објави дека се спроведени оперативно-тактички мерки и претреси на неколку локации поврзани со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на нашата држава од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС.