Додаток на плата до максимум 30 отсто од редовната плата може да добијат вработените од централните институции на извршната власт.
Од владината прес-служба објаснуваат дека додаток на плата можат да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние кои имаат право на додаток на плата со посебен закон или колективен договор.
Големината на додатокот ќе зависи од расположивот буџет на институцијата.
– Укажуваме дека до овој момент не е извршена никаква исплата, со оглед на тоа што се распишани локалните избори. Исплатата на додатокот на плата ќе се реализира по завршувањето на локалните избори кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата – соопштија од Владата.
Согласно Уредбата што беше донесена на владина седница на 5 август, правото на додаток на плата до 30 отсто од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности.