Министерството за култура се дистанцира од филмот „Ругање со Христос“ и го осудува јазикот на омраза, што тој го поттикнува, рече на денешната прес-конференција, ресорниот министер Асаф Адеми.
– По објавување на трејлерот на филмот во кој војниците на ОНА се претставени како насилници-силувачи, Министерството за култура објаснува за јавноста дека овој филм нема никаква врска со Министерството и актуелниот состав на Министерството, туку е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година, истакна Адеми.
Посочи дека, откако го видел сценариото и разгледал документацијата, врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност донел решение за спроведување на инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа од Законот за филм.
Лоша вест, според него, е дека со јавни средства се поддржувале проекти кои не се во интерес на граѓаните.
– За жалење е тенденцијата на одредени кругови кои се повикуваат на универзални вредности, а работат на уривање на тоа што за некои е значајно, вредно, дури и свето во Република Македонија. Ова е потврда дека има структури кои Македонија не ја разбираат како поле за културен натпревар меѓу народите, туку како поле за борба на секого против секого, потенцира Адеми.
Тој рече дека Министерството останува посветено на поддржување на култура и културни проекти кои го почитуваат другиот, кои ги разбираат другите и афирмираат универзални културни вредности.
Посочи дека како Министерство ќе градат тесна соработка со актуелните раководители на Агенцијата за филм, за преземање на сите потребни законски чекори со цел овој филм да не му наштети на соживотот на народите во Македонија.
Ги спомна имињата на тие што дале дозвола за филмот и потенцира дека во тој состав нема ниту еден Албанец, што според него, е посебен скандал, бидејќи во вакви скапи проекти кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници.
Според директорот на Агенцијат за филм Горјан Тозија, ова не треба да се разбере како цензура и кратење на авторските права.
– Филмот треба да се тргне од политичко влијание. Правилникот за филм мора да се почитува, додаде Тозија.