Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи Жозеп Борел, денеска пристигна во посета на Македонија. На Меѓународниот аеродром Скопје, го пречекаа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Маричиќ му посака добредојде на Борел и успешни средби што ќе ги оствари со највисоките државни претставници во текот на утрешниот ден.
– Оваа балканска турнеја која потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел, ја започнува токму од Скопје, е добар сигнал дека ние и регионот остануваме во фокусот на Европската Унија. Во пресрет на утрешниот заеднички состанок со премиерот Ковачевски, покрај другите точки очекувам ќе разговараме за украинската криза и за нашата регионална соработка којашто е препозаена како извор на стабилност и безбедност, како и за заложбите за брза европска интеграција на Западен Балкан кон Европската Унија, во што е можно побрзи рокови – напиша вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на својот фејсбук профил.
Ова е прва официјална посета на Борел на Македонија, како висок претставник на ЕУ, во чии рамки ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска.
Според најавите од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Борел ќе има средби и со лидерите на опозициските партии.
Предвидено е високиот претставник утре да одржи прес-конференција со премиерот Ковачевски Високиот претставник ќе учествува и на настан на кој претставници на граѓанското општество и младинските организации ќе ја претстават својата работа за придонесот на Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа.
Посетата на Скопје е дел од турнејата низ Западен Балкан во рамки на која тој ќе ги посети и Албанија и БиХ. Посетата се наведувца, ќе ја потврди посветеноста и поддршката на ЕУ за регионот исто така во поглед на руската војна против Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на Европа како целина.