Фото: М.М

Повеќе од 40 уметнички дела на вкупно 27 жени уметници, академски сликари и
уметници аматери најмногу од Кавадарци, потоа, Кочани, Скопје, и Битола во групна изложба на едно место во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци по повод празникот на жената 8-ми Март.

Изложбата „Женско писмо“ годинава се одржува по трет пат и претставува концептуална платформа за афирмација на женската креативност, уметничка автономија и современ визуелен израз. Замислена е како простор на видливост и културен дијалог, изложбата го поставува женскиот глас како значајна и автентична визуелна артикулација во современата уметничка практика. Во овој контекст, уметноста се појавува како поле на лична и колективна еманципација, медиум преку кој се отвораат и преиспитуваат теми поврзани со идентитетот, меморијата, телото, културата и динамиката на современите општествени процеси.

Личните приказни на овие 27 уметници од различни генерации, симболичните мотиви и различните визуелни наративи создаваат простор за размислување за позицијата на жената во културниот и општествениот контекст, истовремено отворајќи можности за нови интерпретации и читање на женскиот уметнички израз.

Во таа смисла изложбата „Женско писмо“ е простор на уметничко сведоштво – тивко, но силно обраќање преку кое секое дело функционира како визуелна порака, како трага од лични и колективни искуства. Како форма на „писмо“ иметничките дела на овие уметници стануваат носител на емоции, мисли и наративи што ја надминуваат индивидуалната перспектива и се впишуваат во поширокиот културен и историски контекст – вели кураторот на изложбата Марина Убавкова.

За Јулијана Туриманџова од домот на културата која е иницијатор на изложбата оваа
изложба посветена на жената под наслов „Женско писмо“ носи своја силна порака и ќе остане траен белег запаметен во историјата на работењето на домот на културата на едно место да се соберат толку многу дела на македонски уметници. Таа искрено се надева дека изложбата ќе прерасне во традиција. Одбирајќи само неколку интересни наслови на делата „Меморијата како феминистичка пракса“, „Глас што молчел“, „Големата мајка“, „Разбудена светлина“„Минувајќи низ времето“ и многубројните женски портрети оставата впечаток дека секое дело носи своја приказна за себе , и создава еден заеднички мозаик создаден како сеќавање на борбата на жената за економска, политичка и социјална еднаквост во едно современо време на одбележувањето на 8-ми Март.

М.М