Фото: НМ

Македонија успешно претставена на Саемот за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа во Нингбо

 

Македонската делегација, предводена од заменик-министерот за економија Марјан Ристески, учествува на четвртиот Саем за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки, што се одржува од денеска до недела во кинескиот град Нингбо. Кина, како што посочи Ристески, има најголем интерес за инвестирање во инфраструктурата, енергетиката, зелената економија и новите технологии, со што тој се надева дека во иднина ќе има уште инвестиции од Кина во Македонија. Ристески оствари средба со заменик-министерот за трговија на НР Кина, Линг Џи, за време на која тие разговарале за досегашната економска соработка помеѓу двете држави. А предвидено е македонската делегација во Нингбо да оствари и билатерални средби со колеги од Кина, како и со министри од земјите учеснички на саемот

 

 

Можностите за зголемување на извозот од Македонија и за навлегување на македонските компании на кинескиот пазар, како и за потенцијалните области за можна соработка помеѓу Македонија и Народна Република Кина, беа главни теми во рамки на учеството на македонската делегација предводена од заменик-министерот за економија Марјан Ристески, на четвртиот Саем за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки, што се одржува од денеска до недела во кинескиот град Нингбо.

– Оваа посета е од исклучителна важност за Македонија, но и за сите останати 14 земји што се тука. Кина е четврти партнер на Македонија во однос на размената на стоки и трговијата и сметаме дека со изложувањето на 14 македонски компании на овој прекрасен штанд ќе има поголем интерес за извоз на наши производи и стоки на кинескиот пазар. Се надевам дека големиот дефицит што го имаме со НР Кина во иднина ќе биде помал, односно дека ќе ја подобриме соработката во интерес на нашите компании, со извоз на наши производи – изјави заменик-министерот за економија Ристески при посета на македонскиот штанд на саемот во Нингбо.

Кина, како што посочи Ристески, има најголем интерес за инвестирање во инфраструктурата, енергетиката, зелената економија и новите технологии, со што тој се надева дека во иднина ќе има уште инвестиции од Кина во Македонија.

– Секако, Кина е интересна и во однос на одредени инвестиции. Тие имаат најголем интерес во инвестирање во инфраструктурата, во областа на енергетиката, зелената економија и новите технологии. Од оние инвестиции што ги имаме од Кина, тоа е фабриката во економската зона во Кичево за изградба на патиштата Миладовци – Штип и на патот Кичево – Охрид, фирмата „Синохидро“. Претходно имавме инвестиции во хидроцентралите, во изградба на хидроцентралата „Козјак“, па сметаме дека овие инвестиции не се последни и дека ќе има уште поголеми инвестиции што ќе следуваат во наредниот период – наведува предводникот на македонската делегација во Нингбо, во која има претставници на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, стопанските комори, како и на македонските компании.

Ристески оствари средба со заменик-министерот за трговија на НР Кина, Линг Џи, за време на која тие разговарале за досегашната економска соработка помеѓу двете држави. Ристески и неговиот кинески колега притоа се согласиле дека економската соработката помеѓу двете земји е на високо ниво и дека постои голем потенцијал за нејзино проширување. Тие исто така се заложиле дека активно ќе работат во насока на зајакнување на комуникацијата за стабилен развој на економските и трговските односи помеѓу двете држави. Предвидено е македонската делегација во Нингбо да оствари повеќе билатерални средби со колеги од Кина, како и со министри од земјите учеснички на саемот.

– Еден од главните приоритети секако ќе биде зголемување на извозот на македонските производи во Кина, поголемо присуство на македонските компании во Кина и евентуално за идни инвестиции во областа на инфраструктурата, меѓутоа и за компании кои би влегле во слободните економски зони во Македонија, а со тоа би отвориле и нови работни места. Она што моментно е најактуелно од областа на кинеската индустрија, тоа се обновливите извори на енергија и производството на делови за автомобили, електричните возила, така што има доста простор за размена, а се надевам и на поголема соработка – заклучува Ристески.

Ден претходно, во обраќање во пресрет на официјалното отворање на саемот во Нингбо, македонскиот амбасадор во НР Кина, Сашко Насев, пред кинеската јавност ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија.

– Климата за инвестирање во Македонија е многу топла, исто како и времето што го имаме. Многу интересно за потенцијалните инвеститори е тоа што С. Македонија има поволна даночна средина со една од најниските стапки на корпоративен данок во светот. Покрај тоа С. Македонија има и неколку инвестициски зони. Нашиот пазар на трудот може да биде многу интересен за кинеските инвеститори бидејќи С. Македонија се гордее со образованата, висококвалификувана и етичка работна сила. С. Македонија е на крстосница во Југоисточна Европа, што ја прави идеален транзитен и дистрибутивен центар за производите што доаѓаат од Народна Република Кина на европскиот пазар – кажа меѓудругото амбасадорот Насев.

На саемот ќе бидат претставени вината на Стоби, Тиквеш, Имако, Крњево и Лепово, а според информации од Министерството за економија, од Македонија ќе учествуваат и компаниите Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица и Техногума.

Тема на годинашната саемска манифестација е „Нова визија за иднината“. Во рамки на саемот се одржуват форуми за економија и трговија, сесии за инвестициски промоции, како и програма за културна размена. Секоја од земјите учеснички има свој штанд на коишто се презентираат компаниите чија цел е извоз на кинескиот пазар.

Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕК) постои од 2012 година и досега даде одлични резултати, а на последните три саеми повеќе од три илјади компании од Централна и Источна Европа ги претставија нивните производи.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг