Фото: ССКЛ/ЗКЛМ

Здружението на контролори на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска во соопштение изразува поддршка на претседателот на Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) Александар Тасевски, по пријавата против него од страна на директори во Македонска навигација М-НАВ и случувањата околу огласот за вработување кој Синдикатот го оспорува.

ЗКЛМ оценува дека „веќе долг период ситуацијата во М-НАВ е доведена на поразително ниво“ и оти е „жално и срамно што директорите на М-НАВ решаваат на ваков начин да вршат притисок врз претседателот, членството на ССКЛ, а со тоа и врз сите контролори и помошници контролори на летање“.

Тасевски: Се очекуваат оставки од 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници од позициите во М-НАВ

-Иако чашата е одамна прелеана, вчерашното повикување во полиција на претседателот на Струковиот Синдикат на Контролорите на Летање по поднесена пријава од страна на директорите е кулминација на сите притисоци, предизвици и пречки кои се насочени кон контролорите на летање, а и сите останати професионалци во М-НАВ. Недвосмислено јасно стоиме зад претседателот на ССКЛ и целото членство и им изразуваме поддршка во овој процес, а особено после вчерашните активности насочени лично кон синдикалниот лидер. Тоа што ние како ЗКЛМ го работиме веќе долго време е само дополнување на сите борби и залагања кои Синдикатот ги води со децении. Жално и срамно е што покрај сите заложби кои се во насока на обезбедување на највисоко ниво на услуги во воздухопловната навигација, директорите на М-НАВ решаваат на ваков начин да вршат притисок врз претседателот, членството на ССКЛ, а со тоа и врз сите контролори и помошници контролори на летање, чие единствено барање е нормални услови за работа во секоја смисла, за да можеме да ги постигнеме целите кои ни се доверени како чувари на нашето небо – наведува ЗКЛМ.

Претседателот на ССКЛ Тасевски претходно на прес-конференција рече дека вчера телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи и му била презентирна пријава од страна на двајца од тројцата директори во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Фасим Деари. Тие поднеле кривична пријава против него, како што рече, врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик.

-Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема никакви ставки кои асоцираат на закани и живтозагрозувачки информации. Сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно и намерно во таа насока, за да може да се искористат против мене како претседател на Синдикат, како вид на притисок, со намера да се откажеме од нашите активности, преку мене и до Синдикатот на контролорите на летање, а воедно со самото тоа и до сите професионалци кои во изминатиот период покажаа доблест, се дрзнаа да го кренат гласот и да покажат дека се спремни да застанат во одбрана и заштита на својата професија, за стопирање на клиентелизмот и на непотребните и нестручни вработувања – рече Тасевски.

Тој соопшти дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници М-НАВ се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Не ја исклучуваат и можноста за штрајк, кој, вели дека ќе биде од сите вработени во Македонска навигација.

Конкурсот за вработување, според него, е прекршен по многу основи и ќе се покрене постапка за негово оспорување.