Фото: Принтскрин

Претседателот на синдикатот во М-НАВ, Александар Тасевски, попладневно на фејсбук објави дека во „неколку лица упаднале во просториите на Контрола на летање и нападнале неколкумина вработени“.

Инцидентот го потврди и Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот се случил по прес-конференцијата на првиот синдикалец на Контрола на летање, Александар Тасевски, на која Синдикатот најави масовни оставки во М-НАВ во знак на револт поради, како што рекоа, партиските вработувања во оваа институција.

– Пред пред околу 30 минути во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи. Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време, а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект – напиша Тасевски на својот фејсбук профил.

Според него, овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога „секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“.

Инцидентот го потврди и Министерството за внатрешни работи.

– Денеска околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот – стои во писмениот одговор од МВР до „Нова Македонија“.

Тасевски на денешната прес-конференција изјави дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција. Не ја исклучуваат и можноста за штрајк, кој, вели дека ќе биде од сите вработени во Македонска навигација.

Конкурсот за вработување, според него, е прекршен по многу основи и ќе се покрене постапка за негово оспорување.

Пред инцидентот, а по прес-конференцијата на Тасевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, изјави дека безбедноста на авиосообраќајот во Македонија не е нарушена.