Фото: Принтскрин

Завршувањето на грчко-македонскиот гасовод ќе ги елиминира зависноста од Русија, како и заканите за одредени прекини во снабдувањето со природен гас, нагласи денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, обраќајќи се на седмото издание на Македонскиот енергетски форум.

Агелер во своето обраќање посочи дека „енергетската сигурност и зелената енергија се два суштински приоритети, кои треба да ги надминат партиските политики и се од витално значење и за земјата и за регионот“.

Американската амбасадорка, додаде дека се неопходни нови инвестиции и проекти за градење одржлива енергетска состојба.

– Северна Македонија во голема мера закрепна од неодржливото енергетско опкружување од минатиот период, меѓутоа претстојат вистински предизвици. Безбедна енергетска иднина носи потреба за дополнителни енергетски иновации и напредок на бројни проекти, вклучувајќи и завршување на грчко-македонскиот гасовод – рече Агелер.

Покрај, како што рече, елиминирање на зависноста од Русија, како и заканите за одредени прекини во гас, Агелер додаде дека “со интерконекторот со Грција, Македонија ќе може да гради централи коишто се со погон на гас и да може да ја олесни транзицијата на земјата од јаглен, кон други извори“.

Американската амбасадорка додаде дека САД се подготвени да ја помогнат енергетската транзиција на земјата, како и да помогнат во отворање можности и за соработки во приватниот енергетски сектор.

– Безбедна енергетска иднина е нешто што може да се постигне, ние сме тука, рамо до рамо со вас, да помогнеме тоа да стане реалност – истакна Агелер.