Српската православна црква го заврши мајскиот Собор, а во официјалното соопштение нема информации за тоа дали е донесена одлука со која СПЦ ќе ја претстави МПЦ-ОА пред Вселенската Патријаршија за автокефалност.
-Следниот Благодатен и Благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на Соборната света Литургија во Храмот на Свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година – пишува во соопштението од Соборот на СПЦ.
Тоа е единствената реченица што се однесува на МПЦ-ОА.
Српскиот патријарх Порфириј, заедно со владици на СПЦ вечерва доаѓа во Македонија, а утре во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе служат литургија со поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Македонските владици очекуваат дека од овој Собор на СПЦ ќе произлезе одлука за претставување на МПЦ-ОА пред Всленската Патријаршија за добивање томос за автокефалност.
Денеска и Вселенскиот патријарх Вартоломеј го поздрави чекорот на сослужување меѓу двете цркви.