Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието денеска даде поддршка на Предлог законот за вработените во јавниот сектор, Предлог на законот за административни службеници и Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите во прво читање и ги проследи во натамошна собраниска процедура. Го изгласа и Законот за инспекциски надзор, со кој се укинува Инспекцискиот совет, а се формира колегиум на директори на државни инспекторати како меѓуресорско координативно работно тело.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев, посочи дека пакетот реформски закони за администрацијата се согласно со Стратегијата за реформи  на јавната администрација, Акцискиот план на Министерството за јавна администрација и Роковникот на за европската агенда.

– Овие закони во минатиот период долго беа во европските извештаи и се надевам дека конечно дојдовме до крајот и пратениците ќе ги донесат – рече Минчев.

Според него, со Предлог законот за вработените во јавниот сектор, се поставуават темелите за професионализација на јавниот сектор, што, потенцира, значи дека ќе се овозможи секој конкурс да биде јавен, институциите ќе бидат обврзани на целосна транспарентност. Селекцијата ќе се врши низ три јасни доверливи фази: администратина проверка, тестирање и интервју со кандидат врз основа на криетриуми. Ќе се вработува врз основа на заслуги, а не на познанства, истакна Минчев.

Најави централизација и дигитализација на огласите, посочувајќи дека секој оглас за вработување ќе биде објавен на веб страницата на Агенцијата за администрација.

– Борба против партизација како еден од главните фунаменти, со јасни ограничувања на дискрециони овластувања и со строги правила, го прекинуваме просторот за партиски и неформални вработувања во јавниот сектор. Се воведува нова специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа, се поедноставуваат и плановите за вработување и систематизација, мобилност за јавните службеници, унапредување засновано на услуги, увид во привремените вработувања- наведе министерот за јавна администрација.

Во Предлог законот за административни службеници, пак, е предвидено воведување систем на вработувања со електронски тестови и практични проверки, а Агенцијата за аминистрацијата како интегрален дел од Министерството за јавна администрација ќе гарантира фер и транспарентен, дигитализиран избор, односно процес кој ќе се снима, како и задржување на млади таленти со хибриден и далечински модел на работа подржан со менторство.

Со законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, меѓу останатото, треба да се овозможи усовршување кое го прави учењето да биде задолжително и континуирано, а обучувачи ќе бидат искусни административци со финансиска награда.

Пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска, која беше единствената која зеде збор во општата расправа по законите рече дека Предлог законот за административните службеници е конфунзен, нејасен и контрадикторен и во поголем дел не ги оправдува целите.  – Одредени состојби се влошени од аспект на правата на административните злужбеници и има многу недоречености што отвора можности за коруптивен ризик и партѕзација наспроти компетентност и мерит систем, рече Тренчевска.

Претходно Собранието, во рамки на 58. седница, ги изгласа законите за дигитална трансформација од Реформската агенда: Законот за електронските комуникации, Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Законот за архивски материјал и архивска дејност. Со овие закони, во согласност со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, Македонија добива пристап до повеќе од 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се наменети како директна буџетска подршка.

По исцрпувањето на дневниот ред од 58 седница, Собранието на продолжение на 55. седница го донесе Законот за инспекциски надзор со кој, според Владата, се воспоставува нов поефикасен модел на координација на работата на различните инспекции, преку формирање Колегиум на директори на државни инспекторати како меѓуресорско координативно работно тело составено од директорите на државните инспекторати. Со укинување на Инспекцискиот совет, вработените, просториите, опремата, документацијата и другите средства за работа се преземаат во Министерството за јавна администрација. Владата посочува дека законот ќе има позитивно влијание врз Буџетот со намалување на трошоците од плати и надоместоци со престанување на мандатот на претседателот, на членовите на Инспекцискиот советот и на генералниот секретар.

Пратениците ги изгласаа и законите за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети и во кривична и прекршочна постапка, на Законот за стоковните резерви, на Законот за јавните патишта и на Законот за енергетика, сите по скратена постапка. Го завршија општиот претрес за предложените измени на Законот за воздухопловство, по скратена постапка,но за нив ќе се гласа дополнитено. По гласањето на измените на Законот за енергетика, претседателот на Собранието Африм Гаши ја прекина 55. седница.