Пратениците во рамки на денешната 94. седница дадоа поддршка за Предлог на законот за изменување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за Автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на Автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, и двата по скратена постапка.
Како што објасни заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Aлександар Николоски, со постојниот Закон е предвидено финансирањето на проектот да се прави исклучиво од буџетот на државата, а со измените се остава простор тоа да се прави и од посебната сметка што ја има Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
-ЈПДП, како инвеститор во проектот, има сериозна количина сопствени приходи кои доаѓаат од различни извори – акциза, давачки што се плаќаат при акциза на горива,…, има солидна сума што годишно ја добива, а има и можности да користи други финансиски механизми кои Буџетот не може да ги користи. Имајќи предвид дека се забрзува динамиката на работа на автопатите и на овие делници, предлагаме можност и ЈПДП од сопствени приходи да го финансира проектот како негов инвеститор, истакна Николоски.
Со Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се предлага зголемување на сите пензии за 1.000 денари од 1 март годинава.
На почетокот на седницата, пратеничката на „Европскиот фронт“, Дијана Тоска процедурално побара еден час пауза за пратениците да можат да присуствуваат на сите седници на комисиите кои беа свикани за денеска.
-Денеска сте свикале пленарна седница и неколку комисии кои треба да се одржат. Со ова создавате конфузија во работата на Собранието. Затоа, барам еден час пауза за да ги систематизирате подобро овие работи во Собранието, во комисиите. Ова го барам по член 87 став 2 – рече Тоска.
По паузата координаторката на пратеничката група на „Европски фронт“, Рина Ајдари повторно побара пауза заради, како што рече, координација на работата на парламентарната група и внатрешното организирање за пратениците да постигнат да одат на сите свикани седници на комисиите, но претседателот на Собранието Африм Гаши објасни дека немаат право да бараат повторно пауза, пренесе МИА.
Ајдари од собраниската говорница рече дека зад неизјаснувањето на пратениците за втората точка на дневниот ред за избор на член на Судскиот совет на предлог на Собранието се крие нешто друго, посочувајќи дека мнозинството нема доволен број пратеници за гласањето о бадентер.
-Ден пред празник свикавте пленарна седница знаејќи какви обврски имаме. Што се планира тука? И каква позадина има? И ова ќе го разбереме. Но, значајно тоа што треба да го кажеме јавно е тоа што кандидатот за кој претендира ова мнозинство да помине, има одлука за разрешување во Судскиот совет. Затоа што немате гласови за Бадентер. За избор на кандидатот во Судскиот совет треба да гласаат 20 гласа, значи треба да имаме гласање со Бадентер – рече Ајдари.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши Гаши и одговори дека нема потреба од нервози и меѓусебни навредувања особено пред празник. Потенцира дека можел да и го одземе правото за збор бидејќи пратеничката не се повикала на ниту еден член за процедуралната забелешка и оти цело време зборувала за втората точка која била помината.
Координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку нагласи дека било непотребно да се користи бараната пауза.
-Пред празникот Бајрам од една политичка партија сега јавно позната со изјавите против Исламот, Рамазанот и против се што е свето во исламската вера, сега тие се повикуваат на овие верски норми кои немаат ниту еден грам почит бидејќи во прислушуваните разговори се слушна што зборуваат. Беше непотребна паузата од еден час, можевме да се договориме. Непотребна беше целата оваа маскарада, театар – рече Ќоку.
Гаши пред да ја прекине денешната седница упати честитка до претставниците на исламската вероисповед по повод утрешниот празник Рамазан Бајрам.































