Фото: Горан Анастасовски/Илустрација

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за време на посетата на Централната лабораторија на Министерството најави зајакнување на мониторингот на загадувањето на воздухот преку воведување на нова опрема и технологии.

Како што информираат од Министерството, лабораторијата е опремена со напреден инструмент ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој ќе овозможи прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух. Исто така, успешно е завршен процесот на реакредитација, при што лабораторијата доби нова четиригодишна акредитација, која опфаќа 20 аналитички методи, вклучително и мерење на бучава во животната средина и анализа на отпадни води.

– Во рамки на проектот ‘ЕУ за чист воздух’, лабораторијата е опремена со напреден уред ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој овозможува прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух – нагласи Меџити.

Министерот информираше и дека инсталацијата на опремата, како и обуката на персоналот, се планирани за септември. Овој процес се оценува како клучен чекор во насока на унапредување на техничките капацитети и обезбедување поквалитетни и поточни еколошки податоци.

Меџити додадал дека во наредниот период, Лабораторијата ќе добие акредитација за нови методи, со што дополнително ќе се зајакнат нејзините капацитети.

Централната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање е клучна институција во системот за заштита и управување со животната средина во земјава и служи како техничко и научно тело за исполнување на законските и стратешките задачи за мониторинг на загадувањето и заштита на еколошките компоненти.