Сите претседатели на МЛД - актуелниот, проф. д-р Горан Димитров (лево) и неговите 23 претходници

Македонското лекарско друштво (МЛД) обединува повеќе од 5.000 лекари од сите профили, организирани во околу 72 специјалистички и супспецијалистички
здруженија и 20 подрачни здруженија. Претседателот, проф. д-р Горан Димитров, во разговор за „Нова Македонија“, најавува дека МЛД од 11 до 14 септември ќе го одржи 21. Конгрес на лекарите на Македонија

ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ МАКЕДОНСКО ЛЕКАРСКО ДРУШТВО – НАЈСТАРА МЕДИЦИНСКА АСОЦИЈАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

На 26 август се навршија 80 години постоење на Македонското лекарско друштво (МЛД), едно од најстарите и најреномирани професионални здруженија во земјава, како и еден од главните столбови на македонското здравство и значаен сегмент во вкупниот општествено-социјален развој на Република Македонија. Оваа професионална организација на докторите по медицина во Македонија е формирана како Здружение на лекари, стоматолози и фармацевти. Подоцна, фармацевтите и стоматолозите, во 1947 и во 2004 година, соодветно, се одвојуваат во сопствени здруженија. МЛД е претходник на Медицинскиот факултет како извор на првиот наставнички кадар на факултетот, иницијатор е на идејата и е основач на Лекарската комора на Македонија.
МЛД има билатерална и регионална соработка со многу земји, долги години е член на Светската медицинска асоцијација (WMA) и Европскиот форум на лекарски асоцијации (EFMA/WHO). Преку своите специјалистички здруженија МЛД е исто така член и на повеќе од 80 меѓународни специјалистички организации. МЛД организирало 20 конгреси на лекарите на Македонија, меѓу кои и последниот (онлајн) во 2020 година, кој, и покрај пандемијата на ковид-19, беше успешен.
Проф. д-р Горан Димитров девет години е претседател на оваа најстара, за многумина и најреномирана, лекарска асоцијација во Македонија. Димитров во разговор за „Нова Македонија“ најавува дека МЛД во текот на следната недела, од 11 до 14 септември, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, ќе го одржи 21. Конгрес на лекарите на Македонија, кој се очекува да биде најголемиот медицински собир во Македонија досега – се очекуваат околу 600 учесници и многу еминентни предавачи од Македонија и странство. На овој конгрес ќе биде одбележан големиот јубилеј – 80 години МЛД.
– Конгресните активности ќе се одвиваат во три паралелни сали.

Плакат за 21-от Конгрес на лекарите на Македонија со меѓународно учество (11-14 септември, хотел „Холидеј Ин“, Скопје)

Ќе бидат обработени теми од областа на кардиоваскуларните и малигните болести, како и повеќе сесии (модули) на специјалистички области: микробиологија, офталмологија, онкологија, хематологија, дерматовенерологија, неонатологија, кардиологија, гинекологија, педијатрија, судска медицина, социјална медицина, анатомија и други. Конгресот, како и претходните години, има цел да придонесе во континуираната медицинска едукација, со што се унапредува квалитетот на здравствената заштита, се воведуваат современи методи на лекување и се подига нивото на медицинската наука и практика во Македонија. Во рамките на програмата ќе има постер-презентации, 15 сателитски симпозиуми – комерцијални предавања, како и три специјализирани курса: колпоскопски, за фетална биометрија и за третман на рани – вели Горан Димитров.

Покана за првиот состанок за континуирана медицинска едукација за 21.10.1945 година

Тој се осврнува и на јубилејот – 80 години Македонско лекарско друштво.
– МЛД е основано на 26 август 1945 година, со 123 лекари и стоматолози и 96 фармацевти. Денес МЛД обединува повеќе од 5.000 лекари (околу 35 отсто се во примарната здравствена заштита, а околу 65 отсто се специјалисти во разни области) од сите профили, организирани во околу 72 специјалистички и супспецијалистички здруженија и 20 подрачни здруженија. Свеченоста по повод јубилејов ќе се одржи в петок (12 септември) во Македонскиот народен театар. Неколку недели подоцна свечено ќе ја промовираме Монографијата за 80 години постоење на МЛД. Монографијата е значаен документ за секој доктор и неговата лична библиотека. Таа е сведоштво за: развојот на медицината во земјава, улогата на лекарите во општеството, сите активности, настани и спомени што нè поврзуваат низ децениите – вели Димитров.
Главната цел на МЛД е континуирано подобрување на квалитетот на здравствената заштита на населението преку унапредување и развој на македонската медицина и сродните науки, воспоставување добра лекарска практика и високи етички стандарди, со што се чуваат и унапредуваат достоинството и угледот на лекарската професија, како и заштита на интересите и правата на своите членови. МЛД е главен двигател на континуираната медицинска едукација и континуираниот професионален развој на докторите по медицина и сродните професии.

Своите задачи и цели МЛД ги остварува преку:
– Планирано спроведување стручно усовршување на своите членови преку организирање и поддршка на континуирана медицинска едукација во форма на конгреси, симпозиуми, стручни состаноци, работилници и други форми на работа;
– Следење и информирање на стручната заедница за развојот на здравството и медицинската наука во Македонија преку своите пишани изданија – стручното списание „Македонски медицински преглед“ (првиот број излезе во мај 1946 година, а до 2025 година беа публикувани 237 броја) и информативно-едукативното гласило „Лекарски весник“ (излегува од 2010 година, до денес се објавени 180 броја);
– Поддршка и поттикнување научноистражувачки активности преку соработка со научни и високообразовни институции;
– Учество и организација на кампањи и програми за промовирање иницијативи за заштита на здравјето на населението, вакцинации, заразни болести, ХИВ/сида, хипертензија, дијабетес, дебелина, пушење, алкохолизам, здрав начин на живот итн.;
– Негување и промовирање на лекарската етика преку својот Етички комитет, Кодексот на медицинска деонтологија на Македонија и Етичкиот кодекс на Светското здружение на лекарите, а за етиката во медицинската пракса остварува соработка со релевантните тела на Лекарската комора на Македонија и Медицинскиот факултет, и
– Соработка со Светското здружение на лекарите, Европскиот форум на лекарските асоцијации, Светската здравствена организација, Форумот на лекарските асоцијации на Југоисточна Европа, Асоцијацијата на специјалисти по медицина на Европската Унија, Балканската медицинска докторска асоцијација и други меѓународни лекарски здруженија и сродни професионални асоцијации.
Помеѓу другите многубројни и мошне значајни признанија, МЛД е добитник и на државните награди „Св. Климент Охридски“ во 1995 година и „11 Октомври“ во 2005 година.


Во мај се одбележуваат 80 години од стручното списание „Македонски медицински преглед“

Стручното списание „Македонски медицински преглед“ (ММП), најстара од сите стручни публикации во земјава, во мај 2026 година ќе наврши 80 години од своето постоење.
– ММП е симбол на научната и професионалната историја на македонската медицина, а богатството од други списанија ја заокружува сликата за медицинската публицистика во земјата. Континуитетот, интернационализацијата и квалитетот остануваат главни приоритети за иднината на ММП. Од своите почетоци, МЛД ја негува идејата дека силното стручно здружување е предуслов за силна медицина. „Македонски медицински преглед“ е токму тој институционален механизам преку кој клиничарите, истражувачите и здравствените професионалци ја документираат и трансферираат експертизата – од болничките оддели до училниците и назад до пациентите – вели Димитров.
Тој наведува дека списанието е резултат на ентузијазмот на лекарите, кои го создале во тешки услови.
– Веднаш по Втората светска војна, со остварениот вековен сон на македонскиот народ, во ослободената НР Македонија се појави идеја за формирање МЛД, а со тоа и потребата од медицинско списание. Желбите и ентузијазмот кај малиот број лекари биле посилни од тешките услови, па успеале да формираат списание, кое непрекинато излегува 79 години. И покрај големите материјални тешкотии, ММП успеа да се одржи со одредени осцилации и да постигнува постојан стручен и научен напредок. Списаниево е огледало на медицинската наука во Македонија и е информатор за нашиот лекар за достигнувањата во медицината во светот и во земјава – рече Горан Димитров.
Проф д-р Горан Димитров е главен и одговорен уредник на ММП и еден од деветте члена на Редакцискиот одбор, кои се од Македонија. Инаку, ММП има и интернационален Редакциски одбор – составен од 14 доктори од 10 земји. Ова списание се печати трипати годишно. Секој од трудовите е на англиски јазик (на македонски е само мал дел – тоа е извадок од трудот).
Најмногу примероци (3.000) на ММП се печатени во 1982 година. Сега се печатат 1.000 примероци. ММП има солидна репутација и надвор од Македонија. Има размена со 50 медицински списанија во Европа, Северна Америка, Азија и Австралија, се доставува во 30 библиотеки во странство. Има меѓународен уредувачки одбор. Дел е од престижната независна публикациска платформа „ Де Грујтер Брил “ (една е од водечките издавачки куќи на академски содржини од отворен тип, основана е во 1683 година). За постигнатите резултати на својот 40-годишен јубилеј, во 1986 година, ММП беше одликувано од претседателството на СФРЈ со Орден за заслуги за народот со сребрена ѕвезда. Ж.З.


МЛД иницираше формирање на двете најголеми регионални асоцијации

Претседателот Димитров истакнува дека по иницијатива на МЛД, пред 20 години е формиран Форумот на лекарски асоцијации на Југоисточна Европа од националните лекарски асоцијации на Македонија, Бугарија, Албанија, Грција и Турција.
– Набрзо се приклучија уште Црна Гора, Словенија, Романија и Србија. Во 2010 година се приклучија уште медицинските асоцијации на Украина, Казахстан, Белорусија, Летонија, Азербејџан, Ерменија и други земји, Во април 2025 година беше основан уште еден Сојуз на докторите по медицина, и тоа во Скопје, кој ги обединува балканските земји (БМДА) и има понатамошни цели за негово уште помасовно зачленување, како и објавување негов стручен журнал – посочува проф. д-р Горан Димитров.

Живко Здравкоски