Фото: МВР

На територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на цела држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“.

Спасовски информира дека од страна на полицијата имало засилено присуство на терен и биле преземени координирани мерки и активности за одржување поволна безбедносна состојба.

– Имало единствено нарушување на јавен ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога и едно загрозување на сигурноста. Имаме регистрирани прекршоци по Законот за јавен ред и мир, вкупно 20 во сите сектори за внатрешни работи. Имаме регистрирано два прекшоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, има вкупно 8 сообраќајни незгоди со материјална штета на територија на државата – изјави Спасовски.

Ова, како што потенцира, е најмал број на вакви сообраќајни незгоди кои се случиле досега.

– Има останати настани, поплаки кои биле пријавени, вкупно 11. Генерално ако погледнеме и низ територијата на државата, практично по еден, два настани се регистрирани по другите сектори за внатрешни работи. Во СВР Скопје и СВР Тетово имаме поголем број пријави, со оглед на населението итн., мислам дека апсолутно поволна безбедносна состојба во текот на целата вечер – нагласи Спасовски.

Министерот за внатрешни работи оствари работна средба со раководствата на Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје. На средбата на министерот Спасовски му беа презентирани активностите кои се преземаат во делот на оперативниот план „Безбеден град“ како и сите останати полициски активности кои се под нивна надлежност.

Спасовски истакна дека во 2023 година Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје бележат значително зголемување на активности во рамки на воспоставените планови по „Безбеден град“ преку интензивни засилени мерки со цел заштита на сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на извршување кривични дела и зачувување на безбедноста на граѓаните.

Министерот Спасовски информира дека во изминатиот период се преземени повеќе мерки и активности поради превентивно делување и спречување казниви дела. Извршена е проверка на идентитет на над 10.800 лица, извршен е преглед на повеќе од 9.500 лица и извршен е преглед на над 5.200 возила, а приведени се вкупно 149 лица.

Во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња на пиротехника.

Мининистерот Спасовски им ја честиташе новата 2024 година на граѓаните и им посака здравје, среќа во семејствата и напредок на државата.