Владата вчера почна широки консултации за францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава, најпрво со коалициските партнери. Веднаш по средбата со лидерите на партиите од владината коалиција, Францускиот предлог беше објавен и на веб-сајтот на Владата. Според власта овој предлог е солидна основа за градење став и во него се инкорпорирани сите наши барања и забелешки. Спротивно на тоа, опозицијата смета дека предлогот ги содржи сите бугарски барања и се приклучи на иницијативата за протест кој ќе се одржи вечер во 19 часот на платото пред Владата.
Во текот на вчерашниот ден, покрај средбата со коалицијата, Владата одржа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.
Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и, како што порача, од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата.
Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.
Тој додаде дека му е драго што на Самитот ЕУ – Западен Балкан минатата недела не го прифативме првичниот предложен текст и покажавме што точно бараме и што сакаме.
– Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот на Републиката, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност.
Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии.
Земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме.
Измените во новиот европски предлог во однос на претходната верзија се однесуваат на тоа што е прифатено нашето барање во преговарачката рамка да не се внесува протоколот што произлегува од член 12 од билатералниот Договор со добрососедство со Бугарија и спроведувањето на обврските што произлегуваат од него, односно во преговарачката рамка не се вклучени историските прашања.
Втората измена се однесува на тајмингот на стартот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе го промениме Уставот за „вклучување на Бугарите“, да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.
Во рамката се наведува и дека таа ќе биде преведена на македонски јазик, без никакви додавки, дообјаснувања или фусноти, туку само е оставен простор во Записникот од заседанието на Советот на ЕУ, на која ќе биде усвоена рамката, Бугарија да внесе унилатерални изјави во кое би го објаснила својот став за јазикот, но таа не станува дел од преговарачката рамка. Исто такво право да додаде унилатерална изјава во Записникот по ова прашање има и нашата земја.
Во однос на македонскиот јазик, Софија прво инсистирала во Преговарачката рамка воопшто да нема реченица во која ќе се спомене јазикот по примерот со Црна Гора, потоа да стои терминот „официјалниот јазик на Северна Македонија“, потоа „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“ или пак на место каде што е наведено македонски јазик со фуснота да биде појаснето дека тоа е согласно нашиот Устав или да биде наведен бугарскиот став по ова мислење. Меѓутоа сите овие предлози на Бугарија се одбиени од наша страна со ставот дека „не преговараме за јазикот“ и тие не се вклучени во предложениот текст, туку во преговарачката рамка децидно е наведено македонски јазик без никакви додавки или објаснувања. Со тоа македонскиот јазик станува еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков е дел од преговарачката рамка.
Наша цел во целиот тој процес не била да се убеди Бугарија да го смени ставот, туку да се потрудиме тој бугарски став да не стане и европски, во што е успеано.
Конечниот предлог се базира на предложената Преговарачка рамка од страна на Европската комисија за време на португалското претседателство со ЕУ и во него како и во сите досегашните предлози, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство биле наведени во основниот документ, во преговарачката рамка, во параграфот 5, при што е наведена формулацијата дека ќе се бараат „опипливи резултати за нивно спроведување“ за што проценки ќе дава Европската комисија.
Делот за почитување на „правата на малцинските и етничките заедници“, всушност произлегува од Копенхашките критериуми за малцинските права, само што сега тие се поместени во посебен параграф и во нив посебно не се нагласени правата на Бугарите, туку се говори за почитување на правата на сите малцински, а не само на етничките заедници.
Ковачевски потенцира оти предлогот го гледаат како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Ветивме, рече тој, дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција.
Тој ги повика партиите вклучувајќи ги оние кои беа против влез во НАТО да разговараат, да се погледне предлогот и заедно да биде донесена одлуката дека државата ќе оди во насока на влегување во ЕУ бидејќи со носење на правилна одлука ние започнуваме со првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Во однос на тоа дали ќе се стаса до консезус или некоја од партиите нема да го прифати овој предлог, Ковачевски смета дека обврска на секој политичар во државата е да мисли за генерациите напред, не да мисли само на својата политичка кариера и на својот изборен резултат.
Имајќи ги предвид досегашните консултации, Министерството за надворешни работи ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на нашите европски интеграции, информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министерот оцени дека бројните консултации, минуваат во позитивна атмосфера, во кој, како што посочува, Францускиот предлог детално се анализира.
Доколку Владата одлучи да го одобри пакетот, вели Османи, може веднаш да се потпише протоколот со Бугарија.
– Доколку Владата донесе одлука после консултативниот процес дека го одобрува пакетот, тогаш јас можам веднаш да организирам средба на меѓувладината комисија со Република Бугарија и да пристапиме кон потпишување на протоколот. Мислам дека тоа временски би коинцидирало со истиот ден кога Советот на ЕУ ќе ја усвои преговарачката рамка и целиот овој процес, вели шефот на дипломатијата.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, нагласи дека имаме рамка за решавање на разликите со Бугарија без да биде формален критериум во преговорите. Тој исто така уверува дека историските прашања нема да се дел од преговарачката рамка.
– Во оваа фаза ние се уште ги разгледуваме документите во пакет, така како што се предложени и откако сите документи ќе бидат разгледни, ќе се согласиме или нема да се согласиме, зависно од исходот, но доколку се согласиме на овој пакет, тоа ќе подразбира и брзо започнување на сите процедури, рече Маричиќ на вчерашната прес-конференција во однос на тоа каква е процедурата за усвојувањето на преговарачката рамка кај нас во домашните институции и во кој дел од овој предлог имаме гаранција дека ова се последните барања од Софија.
Она што е битно до првата Меѓувладина конференција, истакна вицепремиерот, е дека преговарачкиот процес го води Владата, а за Европската комисија и државите членки од ЕУ најважно е Владата да ја прифати преговарачката рамка и да започне со преговори.
Во моментот кога ние ќе се согласиме со преговарачката рамка и сите останати држави членки на ЕУ, рече Маричиќ, ќе биде свикана првата Меѓувладина конференција на која ќе се разговара понатаму за наредните чекори и за официјалното усвојување на преговарачката рамка бидејќи тоа е многу важен документ што ги утврдува правилата и основите на преговорите со ЕУ и практично претставува основа за понатамошно драфтирање или креирање на договорот за наше пристапување кон ЕУ.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера ја поздрави конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на нашиот европски пат.
– Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот, соопштија од ДУИ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од партиското седиште повика на сенароден протест кој ќе се случи утре во 19 часот на платото пред Владата, за, како што рече, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за протести. Повикувам на сенароден протест. Го повикувам цел народ од цела Македонија, но и однадвор, да се приклучи и да застане до нас и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори, рече Мицкоски.
Коментирајќи го модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече дека според предлогот, земјава нема да го отвори првиот кластер „фундаменталс“ се додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.
– Нема да имаме почеток и отворање на кластерот се додека не се случат уставните измени. На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот, ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источни сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата ,културата, се што треба да се направи како измена во нашите учебници, појасни Мицкоски.
Сето она што го вели Ковачевски, додава тој, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.
– Ваков ултимат за Макакедонија – не благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде глаен, јасен, да се заземе вистинска страна. Странаната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа, рече Мицкоски.
Со жалење морам да констатирам, истакна тој, дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.
Политичката партија Левица бара категорично отфрлање на предлогот и итен прекин на преговорите со Бугарија веднаш. И оттаму го повикаа македонскиот народ да се приклучи на сенародниот отпор.
– Францускиот предлог, којшто Владата првично го одби, за сега да биде прифатлив, ги содржи сите негаторски бугарски барања. Бугарија преку ЕУ наметнува ултиматум за ништење на македонскиот идентитет, посочија вчера од партијата