Како и во повеќето градови и селски населби во земјава, така и во основното училиште „Јунус Емре“ во село Лисичани, бројот на ученици од година во година забрзано опаѓа и во последните десет години нивниот број е преполовен, потврди директорот на училиштето Ајнур Бајрамоски.
-Иселувањето на младите во нашиот регион последниве две децении зема се поголем замав, а тоа се рефлектира и врз забрзаното намалување на бројот на ученици во нашето училиште. Така, годинава во ОУ „Јунус Емре“ се запишани само 11 првачиња, а пред само десетина години нивниот број се движеше од 25 до 30, кога во училиштето имавме над 260 ученици од 1-во до 9-то одделение за нивниот број годинава да се сведе на само 130 ученика, со тенденција за натамошно опаѓање, бидејќи семејства на десетина наши ученици веќе го најавија своето заминување во Германија, Австрија, Италија или Словенија. Ова еродирање на бројот на ученици не става во многу тешка ситуација, бидејќи добар дел од наставниците или учителите поради овој проблем можат да останат без работен ангажман – вели Бајрамоски.
Тој потсети дека ветените смарт табли од страна на МОН за нивното училиште се уште не се пристигнати, а причините, како што вели директорот, биле кризата која владее како во земјава, така и во светот.
Исто така, Бајрамоски наведе дека од МОН му била најавена изградба на потпорен ѕид крај реката Треска со височина од 180 сантиметри и должина од 160 метри, кој ќе овозможи водата во периодот кога е висок водостојот на Треска, да не претставува закана за нивната училишна зграда, што често се случуваше во изминатиот период.
З. Антоски