Afrim Gasi
Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.

Потренцира дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да одлучува за оваа прашање.

-Треба да има правосилна судска пресуда. Како што знаете, процедурата е пропишана во Деловникот и за тоа ќе одлучува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Значи, ако има било каква постапка, треба да се отпочне од таа Комисија. И ако тие одлучат можат да донесат каква било одлука. За разрешување, тие треба да донесат одлука  па тоа да се процесира на пленарна седница. Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам во пленарна седница. Но, да, законот е јасен, значи зборува за не за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Тоа е делот каде што пратениците треба да размислат. Законски услови се уште нема, но делот на угледот, дали може некој да го води тоа тело а има покренато обвинение, тоа повеќе е работа на етика и углед, достоинственост на водење на таа институција. Сепак, останува на Комисијата – рече претседателот на Законодавниот дом.

Гаши нагласи дека претседателката на ДКСК досега до Собрание нема доставено оставка. Потенцира дека иницијатива за разрешување на Димитровска треба да доаѓа од пратениците.

– Според мене, законските услови не се исполнети. Тие тоа не можат вонзаконски да го направат. Тие сепак ќе треба да одлучат. Таа Комисија има пратеник кој ја води, има правилник за работа. И особено кога избираат вакви важни претседатели на битни комисии, сигурно имало прилика порано како се одлучувало. Гледам дека и во јавноста има резервираност. Не е баш лесно да се влезе во тоа, затоа што некој административно тоа да го оспори, па да оди на Управен суд итн. Внимателни се во тој дел. Да се делува, а да не се направи штета – рече Гаши.

Димитровска уште во текот на истрагата објави дека нема намера да се повлече од фунцијата, бидејќи смета дека без судска пресуда, секој е невин. По предлог на Обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот и го одзема и пасошот.