ФОТО:МИА

Политичкиот консензус и подеднаква вклученост на сите чинители е темел за успешност во преговорите со ЕУ, вели во интервју за МИА Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка и поранешен заменик-главен преговарач на Хрватска со ЕУ.

Тој оваа недела беше гостин на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК) на сесијата „Борба против корупција и заштита на финансиските интереси на државата“.

Во однос на корупцијата, Вујчиќ вели дека за нејзино сузбивање потребно е борба на три фронта – од една страна транспарентноста во трошењето државни пари, намалување на просторот за корупција и потоа кривично гонење на оние кои ги прават казнените дела.

-Темелот за успешноста на преговорите е – политичкиот консензус. Ние од самиот почеток се обидовме тој политички консензус да го имаме на начин што сите делови на општеството беа активно вклучени, политички – и позицијата и опозицијата, низ надзорниот механизам на преговорите, којшто беше парламентарен, а исто така на почетокот беа вклучени и претприемачи – здружението на претприемачи, синдикати, и делови на граѓанското општество кои требаа да дадат поддршка за тој процес, вели Вујчиќ.

Според него, многу е важно од самиот почеток сите да бидат во целост вклучени, со цел, доколку дојде до промена на власта, бидејќи преговорите траат подолго време, да не дојде до забавување на тој процес, доколку некој не бил доволно вклучен од почетокот.