Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан. По долгата, па и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Балканскиот форум за интеграција 2025, во Црна Гора.
Како што информира Кабинетот на претседателката, таа укажала дека „пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован единствено на Копенхагенските критериуми, а Унијата мора да ги брани своите принципи и вредности“.
– Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат. Според неа, членството во ЕУ е најдобриот начин за отпорност на регионот на трети центри на моќ. Силјановска-Давкова нагласи дека во регионални рамки го надминуваме просекот на усогласеност со европското законодавство во сите шест кластери, стопроцентно сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заслужуваме да бидеме охрабрени и да добиеме шанса за почеток на преговори – се наведува во соопштението.
Во дискусијата „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“, со којашто модерираше претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, учествуваше и црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ.
– Учесниците се заложија дека земјите на Западен Балкан мора стратешки и усогласено да пристапат кон справувањето со феноменот на „одливот на мозоци“ – информира Кабинетот ан Силјановска-Давкова.


































