Ќе се спроведуваат вонредни контроли на сите фирми за производство на медицински канабис, одлучи Владата на денешната седница.
-Владата ги задолжи институциите во рамки на своите надлежности да ги преземат сите законски утврдените мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на цела територија на државата и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата – соопшти владиниот портпарол, Венера Азизи.
Владата, исто така, ќе ги именува членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги.
-Од 2017 година, откако е формирана, комисијата воопшто не била активна и нема резултат. За таа цел, Владата во иднина ќе бара редовни извештаи – нагласува Азизи.































