Во тек е вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во прилепската Болница, Детската клиника во Скопје и кај матичниот лекар, откако од сепса почина новороденчето од Прилеп.
– Вонредниот надзор е во тек во Општата болница Прилеп, кај матичниот лекар на родилката и во Клиниката за детски болести – информираше директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, одговарајќи денеска на новинарски прашања.
Во Основното јавно обвинителство Прилеп оформен е и предмет за овој случај.
– Земен е исказ од мајката, а се очекува постапувањето и на надлежните органи кои вршат вонреден надзор во медицинските установи, по што ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката – велат од ОЈО за МИА.
За случајот информираше мајката на новороденчето во саботата попладне преку социјалните мрежи. Бебето во тешка состојба од прилепската Болница беше префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје, каде седмиот ден почина. Новороденчето, според изјавите на лекарите од Детската клиника, било примено во многу тешка состојба, со ирегуларно дишење и згрижено на интензивна нега. Доктор Аспазија Софијанова, шеф на Неонаталната интензивна нега на Клиниката за детски болести рече дека бактеријата „ешерихија коли“ ја предизвикала сепсата. Според неа, состојбата кај бебето, не била добро забележана од страна на медицинските лица во болницата во Прилеп.