Деновиве во црквата „Св. Петка” во населбата Рогдаел во Сиднеј, Австралија, беше промовирано најновото дело „Ова е мојот живот” на истакнатиот и наградуван поет и писател Иван Трпоски.
Промотор на книгата беше истакнатиот општественик д-р Васил Тулевски.
Монографското дело „Ова е мојот живот” по повод 80- годишниот роденден на Трпоски го издаде литературното друштво „Григор Прличев” од Сиднеј. Рецензент на книгата е проф. д-р Димитар Пандев.
Д-р Тулевски на промоцијата нагласи дека делото покрај тоа што го опфака животот на поетот Трпоски, го опфаќа и животот на неговото семејство, како и животот и активностите на многу македонски општественици, поети и писатели во Австралија и Македонија со кои Трпоски се сретнувал и соработувал.
Тој нагласи дека некои од тие спомнати лица се починати но нивните хумани дела се останати и ете Трпоски ги овековечил, присетувајќи се на зборовите на писателот Петре Андреевски: „животот не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине”.
Д-р Тулевски исто така нагласи дека книгата која се состои од 538 страници е богато илустрирана и е напишана на чист, јасен и издржан македонски литературен јазик, со богати и убави изворни македонски зборови кои полека изумираат во македонскиот говор, заклучувајки дека, според зборовите на неговиот татко, „јазикот е моќно оружје во животот на секој човек и колку јазика човек зборува толку луѓе вреди”.
Извадоци од книгата читаа глумците Никола и Валентина Апостоловски од Македонскиот театар од Сиднеј.
Иван Трпоски е роден во патриотското Волино и од 1968 година живее и твори во Сиднеј. Тој е член и долгогодишен библиотекар и архивар во Литературното друштво „Григор Прличев” од 1979 година, на училишниот одбор за Нов Јужен Велс од 1980 година, на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година и на Здружението на новинарите од Македонија од 1995 година.
Со своја поезија настапувал на „Млада Струга” во 1979 година и на Струшките вечери на поезија во 1987 и во 1995 година, каде што читал свои стихови на манифестацијата „Мостови”. Со поезија е застапен во зборниците: „Видици” (Сиднеј, 1984; Скопје, 1988), „Наши патеки” (Мелбурн, 1986), „Иселенички поетски меридијани” (Скопје; 1997), „Охридски литературни творци од Прличев до денес” (Охрид, 1999), „Коти на
копнеж и страст” (Сиднеј, 2003), како и во антологиите на англиски јазик: „Антологија на македонската поезија” (Сиднеј, 1997), во австралиската антологија „Лигаво огледало” (Бризбен, 1998), и во антологијата на 21-от Светски поетски конгрес
„Отворени граници” (Сиднеј, 2001) и „Рејунион” (Сиднеј, 2003). Исто така, застапен е и во енциклопедиите на Австралија и на Македонија.
Автор е на збирките поезија: „Површински корења” (Сиднеј, 1985), „Големиот брод” (Скопје, 1988), „Оковано море” (Сиднеј, 1988), „Преселба на запад” (Сиднеј, 1990), поемата „Тодорка” (Скопје, 1995), „Свитило” (Сиднеј, 1999), „Меѓу две огништа” (Охрид; 1999), „Немирни ветрови” (Сиднеј, 2004), „Љубовна имагинација” (Сиднеј, 2004), „Зад синиот бран” (Штип, 2008), „Угреј-сонце во мојот сон” (Скопје, 2013) и на англиски (Штип, 2013); на патописите: „По патот на сонцето во Македонија” (Сиднеј, 2000), и „Македонија моја татковина” (Сиднеј, 2002). Исто така, тој е автор на книгата „Македонски демонстрации во Австралија” (Струга, 2004), на книгата со биографскиот запис „Спасе Трпоски – живот и дело” (Струга, 2008) и на книгата „Македонија – не те забораваме” (Штип – 2016).
Наградуван е на многу конкурси за поезија и за проза, но најзначајни се: „Иселеничка грамота” – 1995 година, која ја доделуваше Матицата на иселениците од Македонија за најдобар поет од дијаспората, награда за поезија од Интернационалната библиотека во
Квинзланд во 1998 год.; наградата „Македонско сонце” за литература и култура во Сиднеј во 2004 година и наградата за најдобра поетска збирка песни на поет од
дијаспората, која ја додели Советот на Струшките вечери на поезија во Струга во 2013 година.
За општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои се, од Општината Кантебери за почесен граѓанин во 2010 година; државната награда на Нов Јужен Велс за Сениор на годината во 2011 година; наградата Медал за заслуги за Македонија од претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во 2016 година и државната награда за Општествена доброволна работа во регионот Св. Ѓорѓи во 2018 година. М.М.