Во Сандански

Дневник по 40 години (7)

Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија

Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминале шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, обете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров, чиишто дневнички записи тогаш ги објави списанието „Современост“. Го преобјавуваме овој дневник по цели 40 години, верувајќи дека ќе им го привлече вниманието на читателите

Пишува: Ристо Лазаров

Четврток, 21 октомври 1982 година

Во Мелник, пред тргнувањето за Сандански, околу автобусите се врткаат љубопитни сеирџии. Од музејот излегува поголема група жени. Една од нив, бабичка, отвора муабет со нас. Се распрашува од каде сме. Вели, потем: „И јас сум Македонка. Од Разлог. Педесет години живеам во Станке Димитров. Многу сакам да дојдам во Скопје, во Охрид. Носете поздрави за Македонија…“.

Во автобусот, на пат за Сандански, се прераскажуваат згоди од сношната вечер. Небото натежнало, се спуштило, чиниш од чело. Туристичките водичи и тука нѐ почестуваат со еден специјалитет: тука сме, демек, во родното место на Спартак, предводникот на востанатите робови од сите историски читанки. Првпат слушаме дека бил Бугарин, значи. Работат ли работат лигавите пипала на гладните полипи…
Го разгледуваме градот, најубав во пиринскиот крај. Паркот овдешен, по својата пространост и уреденост, неодоливо потсетува на прочуениот лондонски „Хајд-парк“. Местото (порано Свети Врач), да биде изненадувањето поголемо, има само дваесетина илјади жители. Живее претежно од туризам. И тоа не од разгалените туристички орди и нивните беснотилаци, на што по инерција може да се помисли, туку од маките на луѓето преточени во медицинско-туристичка дејност. Климатските услови овде, утврдиле стручњаците, се идеални за болните од астма и од заболувања на срцето. И минералната вода што ја има во изобилство е исклучително лековита. Затоа овде модерните хотели се полни со – болни луѓе. Да им се смират болките, да им се разбудат надежите во допирот со оваа убавина. Го посетуваме и летниот театар. Има две илјади седишта. Цел ден се одмораме крај прекрасните мали езерца и фонтани. Во строгиот центар на гратчето глетка како од фонтаните на „Трокадеро“ во Париз. Луѓе, стари и млади, наседнати на пластичните столови околу фонтаната. Дечиња потскокнуваат, небаре сакаат да ги натскокаат фонтаните.

Неколкумина подолго се задржуваат во книжарницата. Купуваме книги. Тука се продаваат и книги од Венко Марковски, на попуст. Стари книги за кои кога излегле не се нашле читатели. И мемоарите на Цола Драгојчева. Добро познати ни се чкрипењата на старите тамбури. И одвратниот такт на санстефанските кукуригања. Купуваме монографии за градот. И други купуваат нешто, од другите продавници. Секому секој сам што сака.

На улица се вртка околу нас едно момче. Треба да ми е врсник, ако не е и помлад од мене. Претпазлив е, како и ние. Што ли сака од нас? На сѐ помислува човек. Приоѓа и вели дека не сака да менува пари, ниту сака да купи нешто, ниту да продаде. Сакам – вели – само да ве слушам. Ми доаѓа милина на душава. Шетаме, двајцата, по главната улица. Сака момчето да слуша, да се изнаслуша македонски зборови – во живо. Редовно слуша, вели, Радио Скопје, но ова е друго. Говори нашински, чисто, со незабележливи примеси на источниот, малешевски говор. Одвреме-навреме се обѕрнува наназад. Има три малечки дечиња, да му се живи и здрави. Учел во Разлог.

Често го спомнува Јане Сандански. Често ги цитира зборовите на војводата: за Македонија, за нејзината национална слобода. Долга е, предолга, историјата на неговата болест. Пишува и стихови. Каде да ги објави? Како да влезе на вечерашната претстава кога нема билети? Се среќаваме подоцна, пред почетокот на претставата, пред новиот Дом на културата. Се игра „Кенгурскиот скок“. Претставата поминува прекрасно. Веќе утрешниот ден ќе потврди дека тоа е најдобрата изведба на целата турнеја. Од почетокот, па до крајот секоја реплика се лепи за публиката. Гледачите реагираат фантастично, создаден е најсаканиот во театарот контакт со гледалиштето. На крајот – студен туш: скромен, сосема скромен аплауз.

Ако, знајно ни е дека страв лозје чува. Момчето седеше до мене. Него ли да го гледам или претставата? Трепери, кајшто треба да се смее, па ги крши прстите. Како да се бори со приказната на откорнатиот Чали. По претставата цврсто ми ја стега раката. Ме гушнува. Не сака да го видам дека плаче. Се оддалечува трчајќи. Му го запаметив името – Дончо. Еве го, како трчајќи се губи во глувата ноќ во Сандански. Со бистра мисла, со чиста мечта. Како да доживеа силен земјотрес во душата. Судбина. Би сакал да можам да ги прочитам неговите стихови. Патриотски биле, рече. Дончо. На плоштадот пред Домот на културата што го носи името на војводата што најмногу го сака.

(Продолжува)