Иднината на образованието треба да се базира на развојот на т.н. СТЕМ (STEM) дисциплини (наука,технологија, инженерство и математика), родовата еднаквост и развојот на зелените компетенции кај младата популација беше заклучено на работилницата која се организираше во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ.

На работилницата учество земаа над 100 наставници и директори од над 25 средни училишта во Македонија, а настанот го отворија претседателот на МАНУ, академик д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, Џан Мемед, директор на дирекција за корпоративни клиенти, претставник на Халкбанка АД Скопје, како и проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претставник на Машински факултет, УКИМ и Претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење од
Скопје.

-Денешното присуство на преку 100 наставници и директори од над 25 средни училишта од целата наша држава е доказ за интересот и желбата континуирано да го подобруваме образованието, преку дискусија и елаборирање на теми кои се во фокусот на интерес на развиените земји, а особено се значајни и за нашата држава бидејќи се директно поврзани со нашата иднина и со одржливиот економски развој. Не само желба, туку и наша обврска е да ги поттикнеме нашите ученици да развиваат критичко размислување – изјави проф. д-р Радмил Поленаковиќ.

На работилницата се поттикна дискусија и размена на искуства за застапеноста и мотивацијата на жените за учество во науката и образованието со фокус на STEM дисциплините, а значаен осврт на ситуацијата во Република Северна Македонија беше даден од страна на Нена Манчев, програмски директор за образование на фондацијата Македонија 2025.

-Македонија 2025 ќе продолжи со имплементација на активности за промовирање на СТЕМ образование за младите, со фокус на девојки. Во 2022 г. 800 млади од Македонија учествуваа во нашите обуки и програми – изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски.

Академикот Љупчо Коцарев истакна дека образованието не треба да се сфати само како ефикасно средство за едукација на учениците или постигнување на националните образовни цели, напротив, образованието е јавно добро што треба да се смести во пошироки општествени и културни рамки и движења. За разлика од технократските и инструментални пристапи, прогресивните и критички настроените образовни системи воспоставуваат балансирани релации меѓу науките (вклучувајќи ги и хуманистичките науки) и уметностите.