Природата на принципот за „одржлив развој на нацијата и државата“ во својата фундаменталност се состои во изградба на позиција во која секогаш своите, односно државните интереси и интересите на граѓаните ќе бидат во прв план. Духот на тој принцип значи имање на едно визионерство за опстојување и развој, потоа волја за егзистенција, за одржливост и просперитет на граѓаните, за што мора да се погрижат лидерите, кои се избрани да бидат водачи, остварувајќи ја таа мисија заради општата наша благосостојба. Сепак, нешто кај нас недостига…
Длабоката глобална криза ги притисна државите во светот да практикуваат изразито националцентрични политики
Македонија и по повеќе од три децении не успева да изгради позиција во која секогаш своите, односно државните интереси и интересите на нејзините граѓаните ќе бидат во прв план. Имено, природата на принципот на одржливиот развој на нацијата и државата се состои токму во тоа. Тоа е едно визионерство за опстојување и развој, егзистенција, одржливост и просперитет на граѓаните за што мора да се погрижат лидерите, кои се избрани да бидат водачи и да ја остварат таа мисија заради општата благосостојба.
Пропуштени шанси, отсуство на визионерство
Наместо тоа, државата пропушти неколку историски шанси да ги искористи случувањата во и околу неа за да издејствува бенефиции за себе, а се разбира и за граѓаните.
На пример, општиот впечаток што се добива кај овдешната јавност е дека политичарите што ја водеа земјата во овие три децении како да не го познаваат вистинското значење на зборот реципроцитет, бидејќи ако беше обратно, тогаш Македонија уште одамна ќе беше членка на НАТО и ќе ги имаше почнато, па дури и завршено преговорите со Европската Унија.
Последниот многу едноставен пример од Словенија најдобро покажува како треба да се однесува една суверена држава. Имено, словенечкиот премиер Роберт Голоб пред некој ден со германскиот канцелар Олаф Шолц постигна договор за испраќање 28 словенечки тенкови „М55С“ во Украина, а за возврат Словенија од Берлин ќе добие 40 германски транспортни возила. Украина, пак, по започнувањето на руската инвазија се обрати до ЕУ и побара кандидатски статус, на што Брисел експресно одговори и им излезе во пресрет на украинските барања, без оглед што земјата е далеку од исполнувањето на условите за стекнување кандидатски статус. Турција, пак, буквално ја притисна ЕУ дека слободно ќе ги пушти мигрантите кон европските граници ако не ѝ биде префрлена соодветна финансиска помош, што подоцна беше сторено. Турција смело го стави на маса и зачленувањето на Финска и на Шведска во НАТО ако не бидат исполнети нејзините барања поврзани со курдските активисти во овие две скандинавски земји.
Сето ова говори дека светот функционира врз принципот на интереси, првенствено националните, односно широките општограѓански. Секој државник со визија и државничка мисија гледа како да добие бенефиции од одредена состојба за својата држава и народ, без никаква сентименталност, а во последно време, со корона-кризата сѐ помалку има и солидарност.
Македонија се дава себеси и повеќе отколку што треба, а за возврат?!
Од друга страна, она што го прават политичарите во земјава изминатите триесетина години е спротивно на светските трендови. Наместо заштита на сопствениот суверенитет и задоволување на интересите на државата, Македонија безусловно нудеше територија, капацитети, луѓе и секакви други расположливи ресурси, за на крајот да остане со прстот во устата. Неодамна земјава ѝ ги донираше армиските тенкови и авиони на Украина без да добие ништо за возврат од земјите сојузнички, туку напротив, принудена е среде енергетска и економска криза да купува ново оружје во согласност со стандардите на Алијансата и згора на тоа дополнително да се задолжува оти нема пари.
А овие три децении имаше многу можности преку една мудра политика да се издејствува многу подобра позиција за земјава, но очигледно оние што требаше да испреговараат нешто за возврат, едноставно „ги преспаа“ сите случувања и сега Македонија се наоѓа заглавена под бугарските уцени на својот евроинтегративен пат.
Кога во 1999 година речиси половина милион бегалци се слеаја од Косово кон Македонија, никој тука не праша дали оваа мала земја може да го поднесе товарот на бегалската криза од толкав обем. Се редеа претседатели, актери, музички ѕвезди и се сликаа со бегалците за лични пиар-причини, но нивните посети не донесоа некаква бенефиција за земјава. Ниту Европа префрли пари, а уште помалку помогна со некаква логистика.
Секоја нормална власт во тој момент ќе ја употребеше дипломатијата да побара нешто за возврат, како на пример забрзување на пристапниот процес со Унијата. Можеше тогаш и да се побара од западните партнери да ја притиснат Грција да биде пофлексибилна за решението за името, отколку да се води пасивна политика од типот дека Грците некогаш ќе се изморат и ќе попуштат.
Кога НАТО ја искористи македонската територија за бомбардирање на тогашна СР Југославија и за стационирање воени сили, кога ниту криви ниту должни македонските граѓани ги трпеа последиците од бомбардирањата со проектили со осиромашен ураниум, македонската дипломатија можеше во тој момент, исто како што тоа го прави украинскиот претседател Володимир Зеленски, да се обрати и да побара моментален прием на земјава во Алијансата. Згора на тоа, Македонија веќе беше во процес на трансформација на Армијата во согласност со НАТО-стандардите и тоа немаше да биде никаков проблем.
Но повторно, клучно за ова да се случеше беше вештината на македонските политичари и на самата дипломатија да знаат да го искористат секој момент во полза на државата, наместо да се однесуваат сервилно и беспоговорно да прифаќаат сè што ќе им се каже. Со тоа ќе демонстрираа дека станува збор за суверена земја што се грижи за сопствените и за интересите на своите граѓани.
Чувство на инфериорност како недостаток на сите оние што биле на власт
Генералот во пензија Митре Арсовски неодамна прецизно го објасни тоа во интервјуто за „Нова Македонија“, јасно ставајќи до знаење дека кога се во прашање интересите, Македонија мора првично да трга од сопствените интереси без никаква задршка.
– Ние ѝ ги дадовме тенковите и авионите на Украина и тоа е во ред, земјата е нападната и добро е да помагаме. Но тоа не се прави така. Најпрво требаше нашите да побараат соодветно оружје што би ги заменило тие тенкови и авиони, па потоа да ги донираме нашите. Вака само се ослабува армијата што воопшто не е добро во ваква специфична безбедносна ситуација во регионот. Па утре кој било да реши да нè нападне, кој ќе нè брани? Сојузниците од НАТО прво ќе се грижат за сопствената безбедност, а потоа ќе им помагаат на другите членки – вели генералот Арсовски.
Според него, сите земји си тргнуваат од сопствените интереси, а нивното остварување исклучиво зависи од нивната способност да испреговараат подобри позиции за какви било прашања.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека сите овие работи и пропуштени шанси се поради недостиг од политичка волја на оние што биле на власт.
– Станува збор за недостиг од политичка волја од страна на водечките политичари и носителите на функции. Тие треба да дадат иницијатива, а дипломатијата да постапи во согласност со нивната иницијатива и да ја заврши целата работа – вели Боцевски.
Тој смета дека една од причините за пропуштените шанси да се издејствува нешто во интерес на државата е и чувството на инфериорност.
– Постои тоа чувство на инфериорност кон своите западни партнери. Ние наместо да бидеме рамноправен партнер на НАТО, да бидеме земја со сите нишани, ние ја одбираме оваа срамота. Бугарија и Романија своевремено затоа што забранија прелет на руските падобранци на Косово, добија место во ЕУ и НАТО. Македонија не доби ништо. Еве сега повторно гледаме една лоша епизода. Не станува збор дека земјава не може да се избори за некои свои интереси, но треба некој да го сака тоа, да го стави на маса и да побара од дипломатијата да го реализира тоа – појаснува Боцевски.