Опседнатоста со „српското влијание“ во дел од албанскиот политичко- партиски кампус нема да ги реши локалните проблеми на граѓаните
Терминот „српски свет“ во последно време сѐ почесто се среќава во изборната кампања за претстојните локални избори преку голем број препукувања од албанските партии во земјава. Па, затоа, очекувано се поставува прашањето што ги поттикнува првенствено опозициските партии, како што се Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците, постојано да се придржуваат до оваа експлозивна тематика
За потсетување, флоскулата дека „државава е во српски свет“ тенденциозно беше протуркана и од европарламентарците, при што како таква влезе и во извештајот за „напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес“
Србија и наводното српско влијание преку таканаречениот „српски свет“ претставуваат една од главните теми на партиите од албанскиот блок во Македонија, односно на нивните кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Терминот во последно време сѐ почесто се среќава во изборната кампања преку голем број препукувања од албанските партии во земјава. Па, затоа, очекувано се поставува прашањето што ги поттикнува првенствено опозициските партии, како што се Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците (АА), постојано да се придржуваат до оваа тематика. Дали ваквата стратегија се должи на страв од историски рецидиви, дали од Белград и односите со Приштина, дали е поради заземањето за туѓи агенди однадвор или, пак, поради одвлекување на вниманието на гласачите од неможноста да реализираат проекти за унапредување на секојдневниот живот, кои би требало да бидат главна точка во оваа изборна кампања.
Повод за меѓусебни препукувања
Нападите од ДУИ за српско влијание почнаа уште со формирањето на актуелната влада и назначувањето за министер на Иван Стоилковиќ како претставник на партија што го претставува српското малцинство. ДУИ не можеше да се помири со тоа дека нема да биде во Владата, а ѝ пречеше и тоа што министерството на Артан Груби му беше дадено на Стоилковиќ. Анимозитетот на ДУИ кон Стоилковиќ е необичен за партија што се декларира дека е за правата на малцинствата и на другите заедници. А учеството на Стоилковиќ на прославата за рамковниот договор организирана од Владата дополнително ја иритираше ДУИ, поради што веднаш упати обвинувања кон „Вреди“ што е дел од владината коалиција.
ДУИ и АА исто така ја нападнаа Вреди по извештајот на ЕУ, велејќи дека „Вреди“ ја внесе Македонија во „српскиот свет“ наместо во ЕУ. Од „Вреди“, пак, одговорија оти ДУИ и Ахмети се залагале за „српскиот свет“ во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.
Дополнителен импулс на србофобијата во реториката на албанските партии даде и извештајот на Европската Унија за земјава, во кој „српскиот свет “ беше нотиран во Македонија, што е забелешка издејствувана од бугарските европратеници, во контекст на нивните залагања и блокади за Македонија. Уште од крајот на јуни зачестија тврдењата од страна на ЕУ и нејзините институции дека во земјава има континуирани операции на странско влијание, при што државава се внесува во „српски свет“. Флоскулата дека „државава е во српски свет“ тенденциозно беше протуркана и од европарламентарците, при што како таква влезе и во извештајот за „напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес“. За потсетување, во извештајот на Европскиот парламент е наведено дека сме дел од „српскиот свет“, односно дека сме „под силно влијание на тој свет, на таа политика и тоа замешателство на унгарско-српско-руско-кинеска политика, што нѐ спречува да напредуваме на планот на евроинтеграциите“.
ДУИ ги искористи ваквите ставови на ЕУ, за само еден ден подоцна да се огласи со став дека „и извештајот на ЕК потврдил оти С. Македонија е лабораторија на влијанијата на ’српскиот свет’ и на Русија и Кина“. А потпретседателот на партијата и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи, кој сега е кандидат за градоначалник на Чаир, истакна дека државата е „фатена во мрежата на српскиот свет“.
Потенцијалните инвестиции го вклучуваат алармот за албанските партии
Српска банка ќе влезе во Македонија со инвестиција во телекомуникациската инфраструктура, алармираа неодамна опозициските партии ДУИ и Алијанса за Албанците. Најавата за евентуална српска инвестиција во мобилната инфраструктура и телекомуникациите беше дочекана на нож, исто како и шпекулациите за можна продажба на Стопанска банка-Битола на српски инвеститор. ДУИ и АА реагираа дека српската инвестиција во телекомуникациите е опасност за безбедноста на државата и бараа одговори од Владата. За српскиот инвеститор што е можно да ја купи Стопанска банка-Битола тврдеа дека станува збор за човек близок до српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според албанската опозиција во земјава, со овие инвестиции Белград ќе обезбеди стратешко влијание во Македонија и можност за дестабилизација. Од ДУИ ја обвинија „Вреди“ дека донела српска наместо албанска банка, како што ветила пред изборите. Од „Вреди“ возвратија и укажаа дека за време на претходната влада, ДУИ го донела српскиот капитал во казината и во бизнисот со брзите кредити итн. Албанската опозиција реагира на секој можен инвеститор и речиси на сѐ што може да се поврзе со Србија, па така беше и во случајот со тендер добиен од белоруски почесен конзул во Македонија, за кој истакнаа дека наводно има поврзаност со Србија.
Иако српските инвестиции во земјата се незначителни, ДУИ, сепак, секоја најава за евентуална српска инвестиција пред електоратот ја прикажува како закана. Илустративни се реакциите против тетовскиот градоначалник Биљал Касами поради донација од 800 илјади евра од скопска компанија со српски газда за реновирање на тетовското училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Албанската опозиција и медиумите блиски до неа алармираа дека Касами примил српска донација, прашувајќи која е целта. Касами мораше да признае дека примил таква донација, поради што на митинг се соочи со напади и од негов сопартиец од „Вреди.
– Ние сме на страната на Албанците и ги попречуваме српските проекти што им штетат на Албанците, а се во прилог на Словените – рече Аднан Азизи на митингот, симболизирајќи го со раце двоглавиот орел од грбот на албанското знаме.
Најавата на „Телеком Србија“ за инвестирање во Македонија, од крилото на АА на Арбен Таравари ја толкуваат како продирање на „српскиот свет“ во државата.
– Неодамнешните изјави на извршниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, за инвестиции од 50 милиони евра во Македонија не се добри вести ниту за демократијата ниту за суверенитетот на земјата – се наведува во соопштение на АА.
Според АА, тоа е јасен доказ за систематското проширување на геополитичкиот проект на таканаречениот „српски свет.
– С. Македонија брзо се претвора во економска и медиумска колонија на Србија, без никаква институционална реакција, без јавна дебата и без никаква стратешка визија за заштита на државните интереси. Дали парите на „Телеком Србија“ се наменети само за оптички мрежи и мобилен сигнал или и за пропаганда, градење влијание и подготовки за подлабоки дестабилизирачки операции во регионот? За Алијансата за Албанците, ова не е само економско прашање – туку е прашање на државна безбедност. Нема да дозволиме Северна Македонија да стане оаза на „српскиот свет“ во срцето на Балканот, ниту пак албанските граѓани да останат потчинети под нов бран на економска, медиумска и политичка доминација оркестрирана од Белград – велат од Алијансата за Албанците.
Генерирањето на која било етнофобија, вклучувајќи ја и србофобијата, нема да ги реши локалните проблеми
Иако овие избори се локални и предност треба да имаат теми што навистина ги засегаат граѓаните и кои ќе ги решаваат локалните проблеми во населените места, партиите на Албанците во земјава се решија да играат на картата на етнофобијата и да ја потпалуваат во обидите да стекнат политички поени. Извесно е дека оваа опседнатост со српството пред локалните избори не може да реши ниту еден конкретен реален проблем на граѓаните, кои бараат решенија на проблемите со водоснабдување, унапредување на инфраструктурата, чистење на отпадот… Меѓутоа, според нашите соговорници, секако можат да „придонесат“ за затегнување на меѓуетничките односи, па и за влошување на меѓудржавните односи, а можеби тоа е и целта на сета оваа етнофобна кампања.
– Интересно е што во последно време и во соседна Србија, во медиумскиот простор, сѐ почесто има шовинистички пројави кон Македонија и македонскиот народ. Се чини како тајмингот и содржините на ваквите негативни пројави да се синхронизирани и ставени со умисла во една точно одредена временска и содржинска рамка, што е навистина симптоматично. Токму тоа претпоставува дека реално постојат одредени опскурни центри однадвор што сакаат да предизвикаат неред и турбуленции од поширок карактер и во Македонија и на Косово и во Србија. Затоа е потребно што поскоро да се постави прецизна политичко-безбедносна дијагноза и на официјално меѓудржавно ниво и решително да се реагира, за да се спречат потенцијалните безбедносни жаришта. Тоа е вистинскиот начин, бидејќи тогаш српскиот, албанскиот, рускиот и кој било друг свет ќе нѐ однесат/вовлечат во „воен свет“ – велат нашите соговорници. Р.Н.М.
Говорите и пораките со етноцентрична димензија се засилуваат со приближувањето на изборите, реакциите во албанскиот електорат исто така
Реторичката пироманија на Османи
Колку повеќе се ближат локалните избори, јавноста регистрира дека ДУИ и партискиот кандидат за градоначалник Бујар Османи сѐ повеќе прибегнуваат кон распалувачка меѓуетничка реторика и симболика што може да доведе до поделби во општеството. Османи и натаму го спомнува „српскиот свет“, при што сега внесе и нов термин со предупредување за српско-руско влијание, за кое тврди дека ја загрозува Македонија. Поранешниот министер за надворешни работи истовремено ги поврза локалните избори и со прашањето за евроинтеграциите.
– Ќе се вратиме во орбитата на српско-руското влијание, во една мрачна сфера каде што нема европски вредности, туку авторитарност и понижување – кажа Османи на партиски собир во Тетово, порачувајќи дека Македонија се враќа во геополитичка зона надвор од европските вредности, со што се надоврза на неговите претходни изјави во кои истакна дека Македонија е „фатена во мрежата на српскиот свет“.
Тој тврди и дека се поништува концептот на државотворност на Албанците, со што тие и државата во целина се наоѓаат, како што кажа, пред драматична историска ретроградност.
– Ни го одзедоа суверенитетот, правото сами да одлучуваме. Ни го одзедоа имотниот лист на куќата. Од домаќини, нè претворија во станари во сопствената куќа. Кога го кршите достоинството, тогаш сте го турнале народот до ѕид, а потоа сите се мобилизираат: и млади и стари, и партиски и непартиски членови. Ускратено ни е и правото на јазикот. Албанскиот јазик е избришан од институциите, од официјалните документи. Затоа, 19 октомври нема да биде само избори за Чаир, ќе биде одлука дали прифаќаме држава изолирана од ЕУ – рече Османи.
Иконографијата од партиските собири на ДУИ се одликува исклучиво со истакнување на албанското знаме и албанската химна, без видно присутни македонски обележја. Р.Н.М.