Фото: МНР

Многу е значајно што во ЕУ постои сериозен импетус за проширување кон целиот регион на Западниот Балкан, изјави за МИА министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел.

– Постојат повеќе иницијативи. Една од тие иницијативи е онаа за гласање со квалификувано мнозинство во Советот кога се во прашање одредени фази од проширувањето. Факт е дека големо мнозинство од земјите членки и европските институции во целост го делат ставот дека проширувањето треба да биде засновано на принципот на постигнувања – изјави Муцунски.

Сепак, според него, факт е и тоа што ни случува нам во пристапниот процес со години наназад, па затоа охрабрување претставуваат пораките како денешната при презентацијата на извештајот по Стратегијата за проширувањето на ЕУ дека билатералните прашања не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство.

– Тоа е нешто што не радува, но ние, исто така, треба да сме свесни за реалноста што постои, а тоа е фактот дека се уште сме блокирани од страна на една земја членка во отпочнувањето на преговорите. Истовремено, факт е дека треба да ја вложиме сета наша енергија врз основа на добра верба и да имаме насоченост кон изнаоѓање решенија за сите предизвици, но секако, ќе го повторам и тоа што е конзистентен став на Владата повеќе месеци, дека решенијата на билатералните предизвици никако да не бидат решавани така што ќе задираат или ќе ги доведат во прашање македонскиот идентитет, јазик и културна посебност – истакна Муцунски.

Во врска со најавата на Атина за нејзина иницијатива за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, Муцунски рече дека верува оти Грција ќе остане еден од нашите поддржувачи на патот за полноправно членство во ЕУ, бидејќи нашето интегрирање во Унијата покрај во наш, е и во интерес и на нашите соседи кои се членки на блокот.

– Нашите билатерални односи со Грција се развиваат во позитивен правец во последните година дена. Се работи на многу опипливи проекти кои што носат бенефит за нашите граѓани и бизнис заедницата. Тука примарно мислам на Коридорот 10 и на интерконекторот што е во изградба и се изведува во моментов – рече шефот на дипломатијата.

Тој додаде дека пред околу една недела присуствувал на средба организирана од стопанските комори на двете држави, на која биле упатени позитивни сигнали во делот на деловната и трговската соработка.

За време на посетата на Брисел, Муцунски вчера се сретна со еврокомесарката за проширување Марта Кос, по што присуствуваше на вечера што за шефовите на дипломатиите на шесте земји од Западниот Балкан ја организираше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, додека денеска, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков и со скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, имаше средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалeф.

Муцунски нагласи дека фокусот на средбата со еврокомесарката Кос бил на повеќе прашања, меѓу кои приоритетите во делот на домашните реформи, исполнувањето на одредени реформски процеси кои што се поврзани со Реформската агенда, како и предизвиците кои што ги имаме, вклучително и билатералниот спор со Бугарија.

– Зборувавме за различните инцијативи што ги има со цел конечно нашата држава да ги започне преговорите со Европската Унија и во таа насока верувам дека во периодот што претстои ќе почнеме да гледаме опиплив напредок во сите реформски области кои што се значајни за државата – рече Муцунски.

На работната вечера со Калас дискусијата примарно била поврзана со планот на ЕУ за Западниот Балкан од политичка гледна точка и чекорите поврзани со интеграцијата на целиот регион во Унијата, како и за заедничките безбедносни предизвици.

– Средбата со еврокомесарот Микалеф беше продуктивна и заклучокот од неа беше дека слабиот менаџмент на процесот од страна на претходната администрација на Град Скопје, за жал го имаше доведено во прашање тоа дали Скопје ќе остане европски град на културата во 2028 година. Сепак во еден краток период, по изборот на градоначалникот Ѓорѓиевски во координација со Владата ќе успееме да го зачуваме статусот – рече Муцунски.

Тој додаде дека реализацијата на самитот проект „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ ќе ја има поддршката на Владата и на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.