Формулата за евентуалните уставни измени мора да вклучува јасен носител на државноста во името на македонскиот народ
Никој во суштина нема проблем Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав, но истовремено треба темелно и систематски да се пријде и да се прифати решение што ќе ги апсорбира барањата на сите засегнати страни, првенствено на македонските граѓани, кои воопшто не се двоумат за карактерот на својата држава и за нејзините перспективи, а потоа да се разгледуваат и сите други опции, кои се реални и можни за во иднина. Во оној момент кога ќе бидат земени предвид и позициите на македонскиот народ, тогаш повеќе не станува збор за диктат и решението почнува да се наѕира
Предлог-иницијативата за уставни измени изготвена од работната група од Министерството за правда веќе е испратена во Владата, која откако ќе даде зелено светло на седница, таа ќе биде испратена до Собранието, со што официјално ќе започне собраниската процедура за промена на Уставот.
Иако предлог-иницијативата веќе е во Владата, повеќе од очигледно е дека не се брза со нејзино доставување до пратениците најмногу поради актуелниот момент, почнувајќи од анализата на она што беше понудено на лидерската средба, па до оставањето простор преку суптилен притисок, што однатре, но повеќе однадвор, да се убедат дел од пратениците да ги поддржат уставните измени, дури и ако не биде постигнат внатрешен консензус за обезбедување мнозинство.
А токму непостоењето двотретинско мнозинство е главната причина да се одолжува со целата постапка бидејќи некој претходно презел обврски што не може да ги исполни, па сега се обидува да го направи тоа во последен момент. Токму затоа е сегашната дополнителна поделба во општеството, на „Европејци“ и „антиевропејци“, поделба што некој намерно ја наметнува, само за да ја оправда сопствената немоќ да го испорача ветеното, затскривајќи се зад наводните „неевропски“ сили што сакаат да ја оттргнат Македонија од европскиот пат.
– Тезата дека нема алтернатива, според мене, не функционира. Многумина што ја поддржуваат тезата за уставни измени треба да ги разберат и оние граѓани што велат не. Главно се Македонци, но тој број не е за потценување. Најголем број од луѓето што се против уставните измени не се против ЕУ. Не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, туку од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален. Се плашат дека по тоа, ќе има нови барања – изјави неодамна на панел-дискусија поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Никој не е против Бугарите, Софија намерно креира погрешна перцепција за Македонија
Во овие неколку реченици на поранешната министерка за одбрана мошне прецизно е сецирана целата ситуација поврзана со уставните измени, што говори за една работа, дека никој во суштина нема проблем Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав, но истовремено треба темелно и систематски да се пријде и да се прифати решение што ќе ги апсорбира барањата на сите засегнати страни, првенствено на македонските граѓани, кои воопшто не се двоумат за карактерот на својата држава и за нејзините перспективи, а потоа да се разгледуваат и сите други опции, кои се реални и можни за во иднина. Во оној момент кога ќе бидат земени предвид и позициите на македонскиот народ, тогаш повеќе не станува збор за нечиј диктат и решението почнува сѐ појасно да се наѕира.
За да се случи тоа, потребно е Бугарите, кои инсистираат да влезат во македонскиот устав, да ги прифатат темелните постулати во Уставот, како традицијата на Крушевската Република, одлуките на АСНОМ и македонскиот јазик, кои всушност се основата на македонската државност. На тој начин еднаш засекогаш ќе им се стави крај на седумдецениските бугарски аспирации и на целосната негација што ја прави Бугарија врз самобитноста на македонската нација, а што, за жал, Софија успеа да ги наметне и како европски критериуми, истовремено ширејќи лажна перцепција дека македонските граѓани негуваат омраза кон Бугарите и дека поради тоа е отпорот за нивно внесување во Уставот.
Во момент на длабока политичка криза во земјава, ваквото решение би било излез од пат-позицијата и вовед во процедура за уставни измени, која нема да биде под ничиј диктат и која како таква ќе биде поддржана од македонските граѓани со огромно мнозинство, но истовремено, ќе биде на линија на меѓународното право и на националните интереси.
За да се случи тоа, македонскиот народ мора да добие нешто за возврат, односно да остане неприкосновен на позицијата како главен државотворен народ, со македонски јазик како официјален на целата територија на државата, придружен од делови на народи што ќе ги уживаат највисоките малцински права во согласност со сите меѓународни конвенции. Впрочем, тоа и сега е случај бидејќи не само што се почитуваат основните малцински конвенции, туку тие се неколкукратно надминати во овозможување поголеми права на сите малцински заедници.
Кога Бугарија ќе ги напушти романтичарските соништа, решението само ќе се покаже
Ако се уважи основното право на македонскиот народ за сопствена држава, сопствена јазик, историја и култура, особено од оние што бараат да бидат вклучени во македонскиот устав, конкретно од Бугарите, тогаш несомнено уставните измени ќе поминат со многу повеќе од 80 пратеници. Во иста насока треба да размислуваат и сите македонски лидери, без оглед од која партија доаѓаат.
– Лично сум против тоа Бугарите на ваков начин да ги вклучуваме во нашиот устав, но давам поддршка кога ќе влегуваме во Европската Унија, сите соседи, односно нивни делови од народи, кои, всушност, во согласност со меѓународното право се малцинства, тогаш да влезат и Бугарите. Сега, имајќи го предвид искуството со Албанците, кои ни се инклузивен народ, со кои живееме, па видовме што ни направија, не се согласувам за ваков влез на Бугарите – вели Сотир Костов, правник во пензија и аналитичар, истакнувајќи го овој став пред македонската јавност.
И другите аналитичари со кои се консултиравме се на ставот дека мнозинството граѓани во земјава немаат против Бугарите да станат дел од малцинствата во Уставот, но ја делат загриженоста дека официјална Софија во текот на преговорите нема да застане на тоа барање.
– Сè додека официјалната државна бугарска политика е на иста линија со декларацијата усвоена во бугарското народно собрание, проблематично е внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Ако некоја влада таму, еве нека биде и оваа новата на Борисов и Петков, конечно се издигне над романтичарскиот сон и ја признае посебноста на македонскиот народ, јазик и историја, тогаш се отвораат многу можности и за уставни измени, но и за градење многу поблиски односи меѓу двата народа и двете држави. Македонскиот народ мора да го добие местото што го заслужува во сопствениот устав и тоа не смее никој да му го оспорува – категорични се аналитичарите.