Фото: Собрание

Собранието има надзорна функција врз Владата, пратеничките прашања се токму алатка за постигнување на тој ефект, и затоа мислам дека особено Владата треба да биде внимателна во Собранието како се однесува кон пратениците, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши, по вчерашната дебата меѓу министерката Гордана Кочоска Димитриеска и пратеничката Славјанка Петровска.

Гаши рече дека кога се случуваат пратенички прашања треба да знаат министрите и Владата дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да се почитува Уставот во однос на тоа какви ингеренции има секоја институција.

Гаши потсети дека повикувал на подигнување на политичката култура, однесување и почитување на Етичкиот кодекс помеѓу пратениците.

-Ние сите пратеници, сите до еден мора да се грижиме за достоинството на Собранието, а тоа се прави првенствено преку почитување едни према други. Можеме да ги искажуваме нашите политички ставови без да навредиме никого. Повикувам како што сум повикувал секогаш и ќе продолжам да ги повикувам сите пратеници да се држат до почитување на Етичкиот кодекс. Веќе разговараме за донесување на нов етички кодекс кој сакаме да го одобриме и сите да се договориме на консензуален начин да го почитуваме и мислам дека понатаму ќе работиме сите во надградба и зголемување на политичката култура- рече Гаши.

Ваквите настани како вчерашниот, како што кажа, не се добри за Собранието и не зборуваат добро за нив, но доколку се пристапи кон меѓусебно почитување, почитување на Етичкиот кодекс, ваквите прилики и инциденти нема да се повторат.