Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е планот на новата Влада за разузнавачките служби.
– Да, точно, планот и тоа е дел од програмата за работа на оваа Влада. Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во парламентот – изјави Мицкоски.
Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји – членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум.
– Тоа е дел од програмата на Владата и тоа ќе го направиме во месеците коишто следат – рече премиерот.