Фото: МИА

Владата вечерва одржа вонредна онлајн седница и донесе четири заклучоци што се однесуваат на деновите на жалост и на погребот на настраданите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи утре. Се задолжуваат државните институции, а се препорачува на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани – изјави вечерва портпаролката на Владата, Марија Митева.

Таа појасни дека здравствените установи, образовните установи и градинките треба да организираат вршење услуги согласно потребите.

– Се задолжува МВР да ги преземе потребните безбедносни и сообраќајни мерки. Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Ценатрот за управување со кризи и Црвениот крст да обезбеди амбулантни возила. ТППЕ Кочани да ги преземе мерките и активностите согласно своите надлежности – изјави Митева пред Владата.

Таа информираше и за безбедносниот протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани.

– Владата во координација со МВР и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март 2025 во Кочани. За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови) – појасни Митева.

Овој медиумски протокол, како што рече, има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

– Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи: Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите. Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.  Замолуваме за објавување на проверени информации – Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.  Зачувување на баланс и непристрасност – Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за дополнителна јавна вознемиреност – изјави Митева.

Таа потсети дека Меѓународната федерација на новинари (IFJ) во своето соопштение од 18 март 2025 година за оваа трагедија исто така ја истакна важноста на етичкото известување.

-Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе и прес обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи – додаде Митева.