Владата на денешната седница ја донесе Фискалната стратегија на Република Македонија за 2023-2025 година (со изгледи до 2027 година).
Среднорочната фискална стратегија, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Република Македонија и овозможува следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели.
– Клучни елементи на среднорочната фискална политика претставуваат редизајнирањето на буџетската политика и фискална консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија-се појаснува во соопштението.
Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти и тоа: подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите, промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, како и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции.
На предлог на Министерството за финансии, на денешната седница Владата ја донесе и Стратегијата за управување со јавниот долг за 2023 – 2025 година (со изгледи до 2027 година).
Со Стратегијата за управување со јавниот долг, согласно Законот за јавен долг, се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година за којашто се однесува Стратегијата и максималниот износ на новоиздадени државни гаранции во првата година за којашто се однесува Стратегијата и структурата на државниот долг.
– Стратегијата за управување со јавниот долг ѝ дава рамка на Владата на Република Северна Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок. Како цели на политиката за управување со јавниот долг во Стратегијата се утврдени: Финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик, идентификација, следење и управување со ризиците на коишто подлежи портфолиото на јавниот долг и развој и одржување ефикасен домашен финансиски пазар-се посочува во соопштението од владината прес-служба.