Владата и СОНК постигнаа договор за зголемување на платите во образованието за 12 отсто од јули, истакна претседателот на СОНК Јаким Неделков по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
– После повеќе од три часа тешки макотрпни преговори со министерот за образование и наука и со министерот за труд и социјална политика, секако и премиерот од страна на Владата, извршивме сериозни анализи на нашите барања кои беа доставени до ресорните министерства од една страна, и на аргументите на Владата и на министерствата од друга страна. Сепак, се усогласивме со ставовите каде што во рамките на можностите на државата, во рамките на тоа што во овој момент може да се издвои за зголемување на платите и дојдовме до заеднички процент за зголемување на платите кое што би почнало од јули со завршување на ребалансот. Се работи за 12 проценти на сегашните плати со додатоци што следуваат врз основа на законот – кажа Неделков, додавајќи дека биле отворени и договарани и други прашања.
Неделков изрази надеж дека штрајкот ќе заврши, но не прогласи прекин, најавувајќи утрешна консултација со членството на СОНК.
– Се надевам дека во интерес на учениците, децата, родителите, нашите вработени и членови, севкупно во интерес на државата, штрајкот ќе заврши на општо добро на сите. Воедно не го прогласувам штрајкот за прекинат. Но навистина жалам што толку денови поминавме во штрајк, а не најдовме решение порано – порача првиот човек на СОНК, извинувајќи се до сите засегнати во штрајкот.
Наставата би можела да почне најрано од среда, според Неделков, а дополнително треба да се разговара дали учебната година ќе биде продолжена.
Неделков и се заблагодари на Сузан Флокен од Европската конфедерација за синдикати за образование која, како што рече, придонела да се избалансираат ставовите од двете страни.
Министрите за образование и за труд и социјална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска, изјавија дека очекуваат од среда училиштата и градинките да почнат да функционираат нормално.
Тренчевска рече дека со зголемувањето на платите нема ризик од дополнителна инфлација и загрозување буџетот и најави дека потребните средства ќе бидат обезбедени со ребалансот на државаната каса.