Фото: Влада

Македонската навигација (М-НАВ) да ги следи строгите правила на Еуроконтрол на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка, порачаа од Владата на прашањето како ги коментира случувањата државната компанија по медиумските објави за можно оспорувањето на конкурсот за контролори на летање и дали ќе бидат преземени соодветни мерки со оглед на сензитивноста на областа во поглед на безбедноста на сообраќајот.

-М-НАВ е институција што има свои тела за менаџирање, начин на одлучување и сопствен буџет. Според информациите што ги има Владата, постапката за избор на кандидати за обука на контролори се уште e во тек и согласно меѓународните стандарди М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка – укажаа од Владата.

Иако завршила селекцијата на кандидати за контролори на летање во државната М-НАВ, и ја поминале дванаесет од 250 пријавени, нивната обука уште не е почната. Компанија на која Македонија ѝ делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава уште не потпишала да почне обуката избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска. Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), кој го надгледува процесот на избор, како што вели претседателот Александар Тасевски, се сомнева дека дел од менаџментот на М-НАВ сака да го поништи изборот.

– Ние во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички финкционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Така не само што ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), туку и можно е да треба да плаќаме пенали. Знаете колку одговорна работа има контролорот на летање. Од неа зависат животи – вели Тасевски.

Компанијата бара осум контролори за летање, а селекцијата и прегледите ги поминале 12 од 250-те пријавени.
Синдикатот и Здружението на контролорирте на летање на Македонија (ЗКЛМ) пратиле допис до компанијата М-НАВ во кој бараат да почне до 7 ноември и во кое ја посочуваат одговорноста од последниците за нејзиното неспроведување навреме.

-Факт е дека директорите ја кочат целата постапка, измислувајќи разно-разни причини за пролонгирање кои не само што не се оправдани, туку ниту еднаш не ги запазија кога вработуваа други вработени по администрација кај нас во фирмава, и тоа со рокови од 3 дена за поднесување на документи. До сега директорите имале повеќе од пет состаноци на кои не успеаа да донесат одлука за отпочнување на школувањето – вели Тасевски.

Тој додава дека доколку не се испратат на обука селектираните кандидати, понискиот ешалон на менаџментот (главен инструктор, раководители на одделенија, експерти и слично) има намера да си даде оставки, бидејќи не сакаат да учествуваат во заобиколување на алатката за избор на кандидати за контролори на летање. Со таа алатка, меѓу другото, при селекцијата се полагало на вежби кои ги дава Еуроконтрол.

Од М-НАВ попладнево информираа дека не се точни тврдењата и шпекулациите дека не им веруваат на данските експерти.
– Исто така не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на осумте кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ – стои во демантот до синдикатот од Управниот одбор на М-НАВ.