Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, објави видео од мечка со две мечиња за кои вели дека за малку ќе настрадале на патот од Маврови Анови кон Дебар.
– Синоќа, за малку ќе настрадаа мечка и две мечиња додека се движеа по магистралниот пат од Маврови Анови кон Дебар. Нештата изгледаат поинаку додека ги гледаме од безбедно на нашиот мобилен телефон. Блиските средби изгледале сосем поинаку. Барем така тврдат жителите на овие села, а јас немам причина да не се согласам со нив – напиша Ангелов на социјалните мрежи.
Ангелов и пред два дена објави видеоснимка од мечка во селото Жировница.
– Вечерва низ тесните улички на селото Жировница… Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон – напиша Ангелов во описот на видеото, на кое се слуша како мештаните со викање се обидуваат да го оддалечат животното од селото.
Деновиве, Општина Маврово и Ростуше поднесе барање до Владата за прогласување кризна состојба поради големиот број мечки, кои, како што наведуваат од Општината, претставуваат опасност за животот и имотот на жителите.
Владата потоа го разгледа записникот од седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи. Отстрел на заштитената кафеава мечка ќе нема. Се наведува дека во најкраток временски период треба да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта што се во непосредна близина на населените места, кои претставуваат извор на привлекување на мечката; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, особено на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.
Кафеавата мечка во Македонија е забранета за лов и спаѓа во строго заштитен вид.