Кај 12 пациенти била дадена терапија спротивно на индикациите и без никаква корист, сведочеше денеска вештакот Милан Ристески на новото рочиште за случајот „Онкологија“. Тој посочи на повеќе отстапувања во медицинската документација и изборот на терапии, особено потенцирајќи ги случаите во кои пациенти со рак на бубрег не добиле „пембролизумаб“, иако според индикациите требало.
Вештакот на рочиштето рече и дека забележал недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија, а образложи и за лекувањето на еден од пациентите од крајот на 2019 година.
Одбраната имаше забелешки дека Ристески дава стручна оценка за одлуки донесени од лекари со значително подолго клиничко искуство од неговото, дека по помалку од една година од добивањето на лиценцата за вештак од областа на радиотерапијата и онкологијата, бил ангажиран како медицински експерт во овој предмет, иако не можело, оти бил и сведок.
Ристески негира дека ова е негов прв предмет по добивањето на лиценцата и истакна дека досега немало никаква забелешка за неговата работа, пренесува МИА.
Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години. Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето, со неправилно применети терапии кај 29 пациенти. Судењето продолжува на 31 март.

































